Македонија
12. May 2026 - 19:58

Судскиот совет пред одлука меѓу судиите Димовска и Стефановски за претседател на Кривичниот суд

Изборот за претседател на Кривичниот суд дојде до финалната фаза. Досегашната мртва трка помеѓу актуелната в.д претседателка Даниела Димовска и судијата Ивица Стефановски, треба да им даде појасна слика на членовите на Судскиот совет откако денеска ги интервјуираа двајцата кандидати.

По приговорите кои ги поднесоа, нивното бодување е речиси идентично, односно Димовска има 200 бода, додека Стефановски 199 позитивни бода за сработеното. Сега, одлучувачки ќе бидат оценките за нивните настапи и планови како да го водат судот.

И двајцата кандидати ветуваат поефикасен суд, крај на одолговлекувањето на предметите и еднаква распределба кај судиите, со фокус на поголема транспарентност.

Според в.д. претседателката Даниела Димовска, која 10 месеци раководи со Кривичниот суд, а девет години работи во него, целта е судските постапки да се скратат за 40%. Таа предлага и нов начин на достава на судските материјали, наместо преку Македонска пошта, судот да воспостави јавно-приватно партнерство со компанија за достава, бидејќи сега се трошат илјадници евра, а се реализираат само околу 8% од пратките.

-Јас сум на тоа место десет месеци и сметам дека треба да се постават индикатори кои ќе мерат резултати. Горда сум на своите колеги, предметите кои ги работиме за семејно насилство ги завршуваме во просек од четири месеци. Судиите од Кривичниот суд работат вредно, имаат огромен број на предмети. Но за жал ние сме видливи само кога има негативни вести. Само еден коруптивен случај ја руши довербата во сите нас, истакна пред Судскиот совет, Димовска.

Судијата Ивица Стефановски, кој е во Кривичниот суд повеќе од 17 години, а е познат во јавноста по судењата и доживотните казни за случајот Монструм и за Љупчо Палевски и соработниците, а последно и за пресудата за Стојанче Јовановски, смета дека треба да се даде приоритет и да има судска завршница на старите предмети во Кривичен, но и за правилна распределба на предмети кај судиите.

-Сметам дека треба да им се даде приоритет на старите предмети и да се намали времето меѓу рочиштата. Тука има простор за поенергичен и посериозен пристап кон ажурноста.Системот АКМИС е стар повеќе од 20 години и не препознава сложен или едноставен предмет. Затоа распределбата не овозможува еднаков товар кај судиите – некои се преоптоварени, кажа Стефановски.

За малата заинтересираност за претседател на Кривичниот суд, од Судскиот совет велат дека не е лесно да се прифати предизвикот во време кога се работи со недоволен број судии, а огромен број на предмети.

Двајцата кандидати ќе бидат рангирани и за интервјуата. а доколку немаат пригоори, Судскиот совет ќе гласа за избор на Димовска или Стефановски за нов претседател на најголемиот суд во Македонија.