Топлото време ги донесе змиите поблису до градските населби
Првите вистински летни температури ги „разбудија“ змиите кои почесто се забележуваат и во срцето на градските населби. Социјалните мрежи се претплавени со форографии и видеа од змии како се движат блиску до детски игралишта и паркови. Уште минатиот месец змии биле забележани на патот меѓу Горно и Долно Лисиче, кај Кванташкиот пазар и во населбата Аеродром.
Во овој период од годината тие се најактивни, излегуваат во потрага по храна и топли површини, а неискосената трева и близината на вода дополнително придонесуваат за нивна појава, велат стручните лица. Предупредуваат доколку се забележи змија, граѓаните да не се обидуваат сами да ја бркаат или убиваат, туку веднаш да ги известат соодветните служби.
Летото допрва започнува, а граѓаните стравуваат дека ваквите сцени ќе стануваат сè почести. Социјалните мрежи веќе се претвораат во „мапа“ на локации каде што се забележани змии низ градот.
Иако градските власти, не се директно надлежни за постапување при појава на змиите, сепак општините се задолжени за дезинфекција, дезинсекција и дератизација на населените места. Обврска им редовно да ја косат тревата и да ги одржуваат јавните површини, за да се намали ризикот од појава на змии.
Проблемот со змиите низ главниот град и неискосените зелени површини се најде на дневен ред и на Советот на Град Скопје. Советниците од СДСМ побараа ова да биде рагледано од градските власти и да се најде брзо решение.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
