Нападот врз синагогата во Скопје бил внимателно планиран
Пожарот во синагогата во Скопје немал за цел да одземе човечки животи, туку, да предизвика страв и чувство на недоверба во институциите. Ова е ставот на безбедносните експерти откако Агенцијата за национална безбедност (АНБ), откри дека лицата кои го подметнаа пожарот во дворот на еврејската заедница биле поврзани со терористичка организација. Според универзитетскиот професор, Злате Димовски, инцидентот во синагогата не е изолиран чин, туку, стратешки избран момент за дејствување.
„Сето тоа зборува дека самата терористичка организација имала одредени намери, во долг временски период очигледно дека правела една опсервација, забележувала каде се движат, како се движат одредени лица и секако дека го одбираат најпогодниот момент кога ќе треба да настапат, а тоа е практично овој момент сега, и очигледно дека синагогата им била таргет“, вели Злате Димовски, Професор на факултетот за безбедност.
Одговорноста за пожарот ден по инцидентот ја презеде терористичката група „Ашаб Ал Јамин“ која со видео ја таргетира синагогата, а потоа го прикажува и пожарот. Во објавата се наведува дека организацијата претходно извршила напади во Минхен и Лондон каде мета бил еврејски имот.
Првиот човек на еврејската заедница во земјава, не е изненаден што сторителите се поврзани со терористичка организација. Очекувал напад бидејќи претходно Исламската дражава испратила повик за палење на синагоги.
„Имаше проглас од Исламска држава дека за Велигден се повикуваат сите муслимански поддржувачи, сите они што го мразат Израел, сите тие што се антисемити, да ги палат христијанските храмови и синагоги. И навистина тоа се направи во Скопје. Како што сега има проглас да се помине на потешки начини на освета, убивање и слично“, изјави Пепо Леви, Претседател на Еврејска заедница.
За пожарот во синагогата кој беше подметнат на 12 април, осомничени се двајца скопјани кои ќе одговараат за тероризам. Според АНБ, тие се дел од радикална група поврзана со глобалната мрежа на Исламска држава.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
