Македонија
30. April 2026 - 12:20

Земјоделците ја поздравуваат мерката за поевтини ѓубрива, но бараат и засилен надзор од инспекциските служби

Земјоделците ја поздравија владината мерка донесена пред неколку дена за ограничување на маржата на цените на ѓубривата, чија цел е заштита на домашното земјоделско производство. Според нив, ваквата одлука значително ќе придонесе за намалување на производствените трошоци, особено во период кога градинарското производство е во полн ек.

Сепак, тие изразуваат сомнеж дали мерката ќе биде доследно почитувана од страна на трговците, 

Земјоделците стравуваат дека дел од ѓубривата набавени по пониски цени би можеле подоцна да им се продаваат по повисоки цени.Токму затоа, апелираат до инспекциските служби да бидат поактивни на терен, со цел доследна примена на мерката и нејзините ефекти реално да се почувствуваат во пракса.

Државниот пазарен инспекторат преку соопштение информираше дека во наредниот период ќе спроведува засилени инспекциски контроли на терен, со цел доследна примена на владините мерки за ограничување на маржите и цените на ѓубривата. Оттаму најавуваат дека ќе постапуваат по сите утврдени неправилности и ќе изрекуваат соодветни санкции, со цел обезбедување фер пазарни услови и заштита на земјоделците. Воедно, апелираат до сите економски оператори да ги почитуваат донесените одлуки, за мерките да дадат реален ефект на пазарот.