Лесната пешадиска баталјонска група оценета како борбено подготвена за извршување на својата мисија

Во кампот за обука „Пепелиште“, по реализираните активности на националната теренска вежба „Блесок 26“ и по завршувањето на последниот настан од главната листа на настани и инциденти, денеска успешно е завршен процесот на оценување на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), согласно стандардите за оценување на копнени команди и единици од Здружената команда за операции на НАТО, соопштија попладнево од Генералштабот на Армијата.
На денешното официјално соопштување на оценката од страна на оценувачкиот тим и НАТО мониторите, на командантот на ЛПБГ му било соопштено дека единицата ги исполнува сите предвидени стандарди и била оценета како „борбено подготвена за извршување на својата мисија“.
- Сениор НАТО мониторот, полковник Христос Стаматиу од НАТО корпусот за брзо распоредување - Грција (NATO Rapid Deployable Corps - Greece, NRDC-GR) оцени дека: „Eвалуацијата на Лесната пешадиска баталјонска група беше спроведена на многу професионален и компетентен начин. Сите членови од оценувачкиот тим беа целосно запознаени со методите и процедурите за евалуација, во согласност со соодветната документација на НАТО. Оценувачите, под постојано и високо ефикасно водство од директорот на оценувачкиот тим, ја искористија секоја можност да ги следат подготовките и дејствијата на единицата на терен и да ги евидентираат своите забелешки со прецизност и објективност“ - пишува во соопштението.
Во рамки на настанот, директорот на оценувачкиот тим, потполковник Горан Кимов истакнал дека е чест и гордост што ЛПБГ го заврши оценувањето со највисоки резултати.
- Припадниците на единицата покажаа одлични резултати и ги потврдија сите критериуми и стандарди на оценување - изјавил потполковникот Кимов.
На соопштувањето на оценката присуствувал и командантот на Првата пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, кој се заблагодарил на сите учесници на вежбата, како и на НАТО мониторите за покажаниот професионализам при извршување на задачите во рамките на вежбата.
- Со успешно реализираното оценување, ЛПБГ ја потврди својата обученост, високата борбена подготвеност и интероперабилност со сојузниците, што претставува значаен придонес во зајакнувањето на капацитетите на Армијата и НАТО - се нагласува во соопштението на Генералштабот на Армијата.
МИА
Ново на Сител
-

Трамп ненадејно го откажа испраќањето претставници во Пакистан
-

Најголем дел од законите поднесени од Владата одат во редовна постапка, останува примерот да го следат и пратениците
-

Мицкоски на средба со Македонци кои живеат во Србија
-

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување против три лица од Дојран, меѓу кои и поранешниот градоначалник
-

Македонски државјанин изнајмил стан во Валона и го претворил во „база за дрога“
-

Новиот најмал електричен автомобил „смарт“ пристигнува во септември | ВИДЕО
-

Над 70 проценти раст во авиосообраќајот во последните 2 години
-

Хегсет: Американската војска треба да добие Нобелова награда за мир
