Пекарите идната недела ќе одлучуваат за цената на лебот
Производителите прават напори цената на лебот да остане иста. Договорот кој го постигнаа владините претставници со мелничко пекарската индустрија – да нема поскапување на лебот и белите пецива, истекува наредната недела.
Тогаш ќе има нова средба, на кој ќе се одлучува за евентуална корекција.
- Врз основа на анализите и цените на берза од минатата недела, нема да има корекција на цената на лебот. Но ќе имаме состанок на 30 април, кога истекува договорот кој го постигнавме со заменик министерот за економија и пазарниот инспекторат, па ќе одлучуваме за ова прашање, изјави Горан Горѓиевски, претседател на ССК
Од Пазарниот инспекторат велат дека изминатиов период биле во контрола на 800 маркети, но скок на цената кај основните прехранбени производи, не увиделе. Засилени акции најавија од следната недела, каде ќе бидат опфатени и земјоделските аптеки, кои треба да ги намалат цените и маржите на вештачките ѓубрива. Незначително поскапување од половина процент кај основните прехранбени производи, вели дека има и министерот Дурмиши, но уверува дека владата има механизми како да одговори ако растот продолжи.
- Свесни сме дека како економија со висока увозна зависност, особено во делот на храната, сме изложени на надворешни ценови шокови. Затоа сме целосно подготвени да интервенираме со дополнителни таргетирани мерки, доколку се појават неоправдани зголемувања на цените. Во таа насока, разгледувеме и можности за намалување на ДДВ за основните прехранбени произвдои, како и повторно воведување мерки за ограничување на маржите, изјави Бесар Дурмиши, министер за економија.
За да се спречи ценовен шок од поскапувањето на нафтата поради војната на Блискиот Исток, владата до 4 мај се откажа од дел од акцизата кај горива, а го намали и ДДВ-то за бензините на 10 отсто. Но попустот кој го даде ОКТА, од 2 денари кај бензините и 3 кај дизелот, престанува да важи од 1 мај. Регулаторната Комсија за енергетика, за нови цени на горивата ќе одлучува во понеделник.
-

Наташа Мерсовска
Сите содржини од овој новинар
