Квалитетна јавна служба, предуслов за членство во ЕУ
Реформите во јавната администрација се клучен исчекор на патот за членството во ЕУ. Ова е заклучокот по остварените билатерални средби на министерот за јавна администрација, Горан Минчев, одржани на маргините на министерската конференција во рамки на Берлинскиот процес кој се одржа во Црна Гора.
На состаноците со претставници на италијанското, грчкото и косовското министерство за јавна администрација, беше потенцирано дека професионализацијата на административните службеници не е само обврска, туку таа ќе овозможи и ефикасност на услугите кои граѓаните ги добиваат од институциите..
Министерската конференција, ги седна на заедничка маса министрите за јавна администрација на земјите од регионот, кои пред претставниците на ЕУ ги презентираа резултатите од процесот на реформи.
Патот до ЕУ не подразбира само усогласување со европското законодавство, туку и градење на институции во кои ќе работи професионална администрација. Ова е пораката која министерот за јавна администрација ја упати до своите колеги од западен балкан на состанокот во рамки на Берлинскиот процес.
Од Министерството за јавна администрација, како особено важна ја посочуваат средбата со директорката за Западен Балкан во Европската комисија, Валентина Суперти.
Таа е како што велат, продолжение на дијалогот што претходно се водеше во Брисел, за натамошно унапредување на реформските процеси и остварување на стратешката цел за членство во ЕУ.
"Министерската конференција во Будва, во рамки на Берлинскиот процес, ја заокружуваме со значајни билатерални средби со колеги министри и високи претставници од регионот и Европската Унија. Во фокусот на разговорите беа реформите во јавната администрација, како наш клучен приоритет и темел на европската интеграција. За мене, овие реформи не се само административен процес, туку длабока трансформација на државата во служба на граѓаните"
Со министерот од Косово, Лулезон Јагџиу, разговаравме за размена на искуства и конкретни решенија што веќе даваат резултати. Особено сум горд што нашите реформи стануваат препознатлив пример во регионот и основа за понатамошна соработка и меѓусебно учење.
Со генералниот секретар од министерството за јавна администрација на Република Грција, Јанис Фустанакис, разговаравме за развојот на Академијата за јавна администрација како и за можностите за соработка со нивниот Национален центар за јавна администрација.
На средбата со Франческо Леоне, советник на министерот за јавна администрација на Италија, се осврнавме на јакнењето на капацитетите на административните службеници и на продлабочување на соработката преку програмите на нивната Национална школа за јавна администрација.
"Овие средби се потврда дека Македонија е активен и кредибилен партнер, кој гради резултати преку дијалог, соработка и јасна реформска агенда"
-На крајот би сакал да истакнам дека реформите се нашиот императив. Европската иднина е нашата единствена определба. Друга алтернатива немаме. Македонија се менува, со визија, со одговорност и со конкретни чекори напред.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
