Loading Video...
Свет
16. April 2026 - 12:23

Преглед на вестите од светот

Русија изврши ракетни и беспилотни напади врз украинскиот главен град Киев и други градови во текот на ноќта, при што загинаа 13 лица, вклучувајќи и 12-годишно дете, повредени се неколку десетици и сериозно оштетени се згради, соопштија утрово официјални лица. Во Киев загинале четири лица,седум во Одеса и две во Днепар. Во главниот град повредени се 45 лица, а едно беспилотно летало удрило во 18-катна зграда.

Во Одеса се повредени 11 лица, а во Днепар 27. Во Харков има две повредени лица, а во сите градови е оштетена станбената инфраструктура, а властите ги проценуваа последиците. Русија не коментираше за нападите.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека Рим е многу заинтересиран да развие заедничко производство на беспилотни летала со Украина. Таа изјавата ја даде на заедничката прес конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој се осврна и на последните напади врз Украина.

„Во моментов, на небото на Украина има Шахеди (руски беспилотни летала), повторно масовен напад, па затоа дополнителните системи за воздушна одбрана се клучен приоритет за нас.“

„Италија ќе продолжи да промовира, во рамките на Г7 и Европската Унија, економски притисок врз Руската Федерација, која продолжува да не покажува конкретни знаци во процесот на преговори, продолжува со напади врз цивили, продолжува да ја таргетира инфраструктурата што е од суштинско значење за населението.“

Се очекува Зеленски, да ги посети и Германија и Норвешка во следните два дена.

Американскиот претседател Доналд Трамп објави пост дека разговорите меѓу Израел и Либан ќе се одржат во четврток - 16 април. И надополни „Помина долго време откако двајцата лидери разговараа“.

Израелскиот кабинет се состана во среда за да разговара за евентуално примирје во соседен Либан, изјави висок израелски функционер, по повеќе од шест недели од почетокот на војната со Хезболах, поддржан од Иран. Според либанските функционери, наскоро би можело да се објави прекин на огнот, објави Фајненшл тајмс.

Втор супертанкер санкциониран од САД влегол во Заливот преку Ормутскиот теснец, покажаа податоците за превозот, и покрај блокадата на САД врз бродовите што ги посетуваат иранските пристаништа.

Иранската новинска агенција Фарс соопшти дека ирански супертанкер подложен на санкции од САД го преминал теснецот кон иранското пристаниште Имам Хомеини и покрај блокадата. Фарс не го идентификуваше танкерот, ниту даде дополнителни детали за неговото патување.

Началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир, и иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи беа видени како ја напуштаат зградата откако се сретнаа во Техеран во средата во обид да спречат обновен конфликт меѓу Иран и САД. Трамп, претходно изјави дека војната со Иран би можела наскоро да заврши.

Дипломатскиот притисок дојде откако американските и иранските претставници размислуваа за враќање во Пакистан за понатамошни разговори откако преговорите таму завршија без резултат.