Македонија
1. November 2024 - 16:34

Македонија и Бугарија се договорија за железницата - ќе се ревидира проектот и цената за изградба

Македонија и Бугарија со заеднички проект ќе ја градат железницата дел од коридорот 8, а ќе се ревидира и цената за изградба. Од министерствот за транспорт информираат дека на вчерашниот заеднички состанок со европски претставници биле прифатени трите аргументи на министерот Николовски.

 Прво, мора да има заеднички проект за тунелот за да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидиирање на самиот проект.

По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач, за што е добиена поддршка и од Европската инвестициска банка и од ЕБОР.

На состанокот двете страни прифатиле целиот проект од фаза 3  Крива Паланка – Деве Баир), да биде преиспитан од причина што сегашната цена е превисока и неразумна со интенција таа да се намали. Двете делагции се согласиле да се користи технички проект за тунелот поднесен од Железници Инфраструктура, информираат од транспорт

Нов ден, ново погазување на ветувањата: ВМРО-ДПМНЕ ќе ја гради пругата кон Бугарија по истиот проект, регираат од СДСМ

Нема никаква измена во планот за градба и ова е практично уште едно признание за работењето на Владата на СДСМ и стратешките проекти кои ги реализиравме за граѓаните.

ВМРО-ДПМНЕ освен што се фали со проектите на СДСМ и си ги погазува сите ветувања засега нема реализирано ништо значајно или ново за граѓаните.

Од историски криминал, коридорите на Бехтел и Енка станаа историски значајни проекти, слепите тунели прогледаа, а наводните криминални зделки сега се добри за ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од опозицијата

Од владата брифираат дека активно се работи и нa обезбедување пари за модернизација на коридорот 10 односно пругата од Табановце до Гевгелија со цел брзината на возовите од сегашните 30 да се зголеми на 120км на час. За ова се преговара и за нов заем од европска држава која не е Унгарија за што  велат дека се блиску до договор. Од ниту една локомотива во јуни, Македонија во моментов располага со 8 локомотиви, дел обновени, останатите изнајмени од Србија.