Уште три дена за собирање потписи - расте листата на пријавени кандидати за претседател
Ново име се појави на листата за собирање потписи за претседателски кандидат. Извесен Гоце Ристов за кого не можат да се најдат многу информации е 14-тиот кандидат на листата на ДИК, кој има рок до петок да обезбеди 10 000 граѓански потписи.
Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска го потсетуваат Пендаровски дека на власта дојде со паролата „Нема правда, нема мир“, за на крај да ги потпише измените на Кривичниот законик
„Ниту правда, ниту мир имаше со Пендаровски 5 години. Ниту пак СЈО значеше правда, напротив неправда и криминал.
Откако излажа се што можеше да се излаже, на крај Стево Пендаровски си го покажа вистинското лице, а тоа е дека "Нема правда, нема мир" беше манипулација, за да дојде СДС на власт, а СЈО алатка за прогон.
На крај Пендаровски не само што призна дека се што ветувал било лага, туку и ги потпиша измените во КЗ за застарување на голем број кривични дела, аболирајќи луѓе од власта, но и сите оние кои сега додека е СДС на власт испумпаа милиони. Пендаровски ја урниса правдата, и кумува на криминалот'', вели Миле Лефков, ВМРО-ДПМНЕ
Пендаровски пак возвраќа дека со кандидирање на Силјановска Давкова, ВМРО-ДПМНЕ ја продолжува праксата за деградирање на функцијата претседател.
„Силјановска Давкова беше гласен противник на Законот за употреба на јазиците и се докажа како албанофоб, а со силното противење на Договорот од Преспа и на Преговарачката рамка за влез во ЕУ, се докажа и како антиевропски политичар. Но, ВМРО-ДПМНЕ и нивната кандидатка треба да бидат свесни дека граѓаните нема да дозволат функцијата Претседател на државата одново да биде погазувана и понижувана, а самата држава да тргне во погрешен правец, како што тоа беше случај цели 11 години'', регира Пендаровски.
Откако вчера неговата кандидатура доби поддршка од сите помали коалициски партнери на СДСМ, лидерот на партијата вели дека место има за сите партии кои ја поддржуваат европската иднина на државата
Покрај Пендаровски и Силјановска, влез во претседателската трка обезбедија и професорката Ванковска, Максим Димитриевски од ЗНАМ, Стевче Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи како кандидат на ДУИ и Арбен Таравари од здружената албанска опозиција. Рокот за собирање потписи истекува во петок.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
