Ковачевски со Џафери ги договарал последните денови од мандатот
Премиерот утрово на средба со актуелниот и идниот спикер на Собранието ги договарал последните денови од својот мандат. И денеска не прецизираше кога ќе си замине, но рече дека целата постапка ќе заврши во законскиот рок.
А до крајот на идната недела и ВМРО-ДПМНЕ ќе треба да ги официјализира своите кадри во техничката Влада. Опозицискиот лидер во интервју вчера рече дека не е среќен што ќе седи во Влада која ќе ја води Џафери, но не би ризикувал да остане без никаква контрола на изборниот процес.
Тврдеше дека се уште го нема списокот министри што ќе му го даде на Џафери, а најавената консултација со Ковачевски рече дека може да помине и со телефонски разговор, на што премиерот денеска не се противеше.
И натаму останува непознато дали партиите од власта ќе склопат предизборна коалиција и дали ДУИ ќе оди со свој кандидат за претседател откако тоа го најави албанската опозиција. Во СДСМ веќе течат внатрепартиските процедури за кандидирање а имињата на поранешни и актуелни функционери на Баихаќка кои кружат во јавноста премиерот ги нарече еминентни.
Кандидат за претседател бара и ВМРО-ДПМНЕ, а одлуката треба да ја донесат нешто помалку од 500 делегати на партиската конвенција закажана за 2 март.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
