Власта тврди нема да има зголемување на функционерските плати, синдикатот не им верува
Власта тврди дека со зголемувањето на минималната и просечна плата од март, платите на функционерите нема да пораснат за дополнителни 400 евра. Пари во буџетот за нив не биле предвидени.
Но, и 78% зголемување на нивните плати минатата година, не беше предвидено во ланскиот буџет. Од Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија се револтирани. Доколку се зголемат платите на функционерите не исклучуваат протести, а дополнително ќе направат фонд за донации од сите членови за да им донираат повеќе пари на именувани функционери, бидејќи 78% зголемување, според нив, не им било доволно.
Од ВМРО-ДПМНЕ се јавија со реакција- иако и нивни пратеници и градоначалници се опфатени во зголемувањето на платите, сепак сметаат дека станува збор за лицемерна одлука.
Лицемерието на СДС е тоа што се фали за покачување од 1000 денари за работниците, а молчи за покачувањето на платите на функционерите од 400 евра, кое е дополнување на покачувањето кое се случи претходно од 78%.
- Зошто за СДС животните потреби на народот се помалку вредни од тие на функционерите?- прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Со одлука на Уставниот суд над 1.000 избрани и именувани лица од лани земаат плати повисоки за 78%. Откако синдикалните организации излегуваа на масовни протести против оваа одлука и со барање да има линеарно зголемување и на нивните плати, Владата формираше работна група која требаше да достави предлог до Собранието да се намалат функционерските плати, но речиси по една година нема никаков резултат.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
