Македонија
29. December 2023 - 16:44

Галуп: Силен песимизам владее во Македонија

Изразен песимизам и никакви очекувања од идната 2024 година кај македонските граѓани покажува најновото истражување на јавното мислење кое Галуп го спроведе во 41 земја во светот. 

Според него, само 20% од македонските граѓани очекуваат 2024 да биде подобра година од оваа. 34% очекуваат полоша година, а 40% иста. 

Споредено со земјите во регионот имаме исти бројки како и Србија и Бугарија, додека во Албанија и Косово владее огромен оптимизам и таму меѓу 60 и 70% од граѓаните очекуваат подобра година. На светско ниво, просекот на граѓани кои очекуваат подобра година изнесува двојно повеќе од Македонија или околу 40%.

Дури 42% од граѓаните во земјава очекуваат идната година да биде исполнета со економски потешкотии, а 34% од анкетираните очекуваат година со повеќе немири. 

И Македонците, но и граѓаните од целиот свет стравуваат од можна употреба на нуклерано оружје. Во земјава нешто под 80% сметаат дека постои ризик од нуклеарни напади, а меѓу нив дури 44% сметаат дека тој ризик е многу висок.

Како и пред една година, мнозинството во САД го гледа ризикот како „прилично умерен“. Ставовите во Русија се слични на оние од лани - овој пат односот на одговорите помеѓу „умерен ризик“ наспроти „висок ризик“ за употреба на нуклеарно оружје се 40% - 20%.

Земјите како Германија, САД, Русија покажуваат подобрување во очекувањата во споредба со крајот на 2022 година, иако сеуште се „загрижени“.

Анкетата за Галуп во Македонија ја спроведе агенцијата Брима анкетирајќи 1203 испитаници по принципот лице в лице во периодот од 1 до 22 декември.