Македонија
25. December 2023 - 16:38

И власта и опозицијата очекуваат победа на изборите

На стотина дена пред официјалниот старт на предизборната кампања и Мицкоски и Ковачевски очекувано, најавуваат победа. Премиерот во пресрет на изборната трка ќе се фали со растот на платите надевајќи се дека антикризните мерки со кои на дел од граѓаните ќе им се исплаќаат пари се до гласањето на изборите ќе му донесе некој глас повеќе.

Опозицијата пак во екот на кампањата најавува градежна офанзива во општините каде што имаат градоначалници. На располагање им се околу 15 милиони евра кои планираат да станат главно нови училишта и градинки чии камен темелници ќе бидат удрени во петнаесетина општини пред изборите. Најавуваат и обемна предизборна програма за која се убедени дека ќе им донесе победа на изборите.
Премиерот и денеска не можеше да потврди како ќе изгледа неговата предизборна коалиција но беше убеден дека ќе победи.

На повикот на премиерот досега се одѕва само ЛДП, а веројатно по истите стапки ќе одат и ДОМ и НСДП. Но она што најмногу ги интересира на Бихаќка е каде ќе се постави ДУИ. А интегративците веќе преговараа со Алијанса па во овој момент никој не демантира дека постојат шанси Таравари и Ахмети да одат заедно на избори а Ковачевски да остане сам со своите сателити.
Кога би можел да бирам, би сакал да бидат сите заедно, порача денеска опозицискиот лидер

Мицкоски вели дека не му менува многу тоа што косовското движење Самоопределување ќе и се приклучи на албанската опозиција. Вели тие и натаму остануваат негов прв избор за коалиција во новата влада.
Во Алијанса и денеска нема одговор во кој правец ќе се движат. Констатираа дека во моментов, тие се најпосакуван коалиционен партнер на политичката сцена.

Утрово Ковачевски го почнува последниот месец на државна плата во пресрет на изборот на Џафери закажан за 28 јануари. За се да биде подготвено за избори останува уште да се пополни седмото столче во ДИК за што според неофицијални информации, веќе паднал договор да не се прават опструкции и тоа да и припадне на албнаската опозиција