Македонија
18. December 2023 - 21:15

Ниту онлајн настава не може да го реши проблемот во Чашка

Без официјална одлука од Министерството за образование, училиштето „Тодор Јанев“ во Чашка се подготвува за онлајн настава. Но родителите ќе продолжат со бојкот, без разлика дали наставата ќе се одвива со физичко присуство или онлајн.

-Денеска беше подготвително. Ни беа на секого индивидуално во порака пратени корисничкото име и лозинката на дечињата. Веќе утре ќе почне официјално со часови. Меѓутоа, секој во своето одделение, претседателите на советите, кога добивме известување дека ќе има онлјан наставата ќе биде бојкотирана, значи онлајн наставата ќе биде во бојкот. Синоќа доцна, некаде околу 21-22 часот наставниците биле известени за онлајн наставата. Ние денес како родители бевме известени зашто си се појавивме како и секое утре на протест пред училиштето. Не дојде ниту в.д. директорката, не дојдоа ниту наставниците и добивме информација дека денеска е подготвителниот ден, вели претседателката на училишниот Совет на ОУ „Тодор Јанев“, Цвета Пешевска.

Меѓутоа, ваква одлука Министерството нема добиено. Министерот Шаќири појаснува дека такво барање е добиено од в.д. директорката на училиштето, но МОН барањето ќе го разгледува утре и одлука е можна најрано во попладневните часови. Нејасно е како без одлука на МОН училиштето почнало да се подготвува за онлајн настава.

За Шаќири, можно решение е подрачно училиште каде ќе учат петте ученици од албанска етничка припадност. Тоа подрачно училиште ќе почне со работа од следната учебна година, а во прво време ќе треба да биде вработен еден наставник, кој ќе прадава на албански. Вели, како ќе се полни подрачното училиште со наставници, така ќе се вработуваат и нови наставници.

Во Дневникот на Сител рече дека решение е можно, но родителите не смеат да ја прекинуваат наставата.

Учениците од ова училиште околу еден месец не ја посетуваат наставата поради воведувањето на паралелка на албански јазик. Општина Чашка уште летото ги загуби ингеренциите за ова училиште, а родителите обвинуваат дека сè што се спроведува, се спроведува на незаконски начин.