Мишел ја повтори пораката за проширувањето, изјавата на Макрон се толкува различно
ЕУ мора да подготви план за проширување до летото 2030 година – претседателот на Европскиот Совет Шарл Мишел во интервју на словенечката државна телевизија го повтори неговиот став од бледскиот форум дека Унијата во следните седум години треба да биде подготвена за ново проширување со држави што ќе ги исполнуваат условите.
- Mислам дека беше важно да дадам јасна и веродостојна порака. Се надевам дека успеав во тој говор. EУ мора да се организира и да ја врши својата работа, на начин, да подготви нацрт-план за проширување до летото 2030-та година. Мораме да расправаме и да одлучиме за тоа кои ќе бидат приоритетите на ЕУ во иднина и како ќе ги финансираме политичките проекти. Дебатата ќе биде тешка и комплицирана. Нашата порака до земјите од Западен Балкан е дека ЕУ е нивен сериозен партнер. Заедно сме за проширување на ЕУ. Тоа во моментов е една од најактуелните теми. Сите мораме да работиме заедно и да донесеме одлуки, кои ќе бидат од корист за земјите кои сакаат да ни се придружат, вели Мишел.
Министерот Османи пак ечи дека ваквиот став на Мишел е клучен за Македонија и потврда на нивните заложби. Но тврди дека пораката на францускиот претседател за „Европа со различини брзини“ била погрешно интерпретирана од опозицијата. Иако Макрон јасно порача дека потребно е реформирање на Унијата пред проширување, Османи тврди дека тоа се однесувало на динамиката на членство, а не за Европа на различни нивоа.
Османи треба да признае дебакл на своето министерување, а тоа е вистината која ја кажува претседателот Макрон дека Македонија не е ни во планот за зачленување до 2030, реагира опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот Макрон го кажува тоа што ВМРО-ДПМНЕ го кажува целиот изминат период, дека покрај болните отстапки кои треба да ги преземеме како држава немаме никакви гаранции за членство во ЕУ. А ако Османи тврди дека тој правилно ја интерпретира изјавата на претседателот Макрон, еве нека каже кој датум го спомена Макрон за членство на Македонија во ЕУ?, велат од партијата.
На иста линија и Социјалистичката партија на Македонија - конфузијата создадена со различните ставови и изјави на угледни ЕУ авторитети кои ја покажуваат неподготвеноста на интеграцискиот процес и отпорите од државите членки кон земјите кандидати за членство.
Неусогласените интереси на државите членки и нивните антагонизми ја наметнуваат потребата за редефинирање на самата Унија и за нејзина реорганизација. Затоа е депласирана било каква идна дебата за уставните измени, уште помалку изгласување, како што некои посакуваат, затоа што тоа не носи никави промени во евроинтеграцискиот процес на Македонија, велат од СПМ.
А Македонија доби поддршка за продолжување на интеграциите и од Канада. Министерката за надворешни работи Жоли која денеска е во посета на Македонија вели дека остануваат силни поддршувачи на политиките за напредок.
По набиената дипломатска офанзива и пораките од европските челници, македонската влада се уште нема одговор кога би се продолжила собраниската седница за гласање на уставните измени.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
