Власта охрабрена од изјавите на Мишел, опозицијата „засилена“ со аргументите на Макрон
За власта позвучни пораките на Мишел, за опозицијата на Макрон.
Македонската влада гледа потврда на нивните заложби во изјавата на првиот човек на ЕС Шарл Мишел дека 2030-та може да се случи проширување на Унијата. Според вицепремиерот Маричиќ, пораката била пресврстница во политиката на ЕУ кон проширувањето. Но без да ја коментира пораката на францускиот претседател, Маричиќ вели дека ова е првпат државите кандидатки имаат временска одредница од ЕУ како можен термин за наредно проширување.
За опозицијата изјавите на Макрон и Мишел се потврда дека нема никакви гаранции, дури и ако Македонија ги направи отстапките.Од ВМРО ДПМНЕ велат власта презеде обврски кои не може да ги исполни.
Реагира и Социјалистичката партија на Македонија, од каде велат дека изјавата на Макрон треба да ја „отрезни“ власта. Според нив само избори се решение. Надежите и очекувањата кои власта ги има за 2030 година за зачленување во ЕУ се последица на лошите политички анализи и производ на дилетантската надворешно политичка и дипломатска активност.
Изјавата на францускиот претседател за функционирањето на ЕУ и приоритетот на европските реформи пред проширувањето е спротивно на слушнатите ветувања и наивните очекувања. Таа треба да е отрезнувачка за нелегитимната и се повеќе нелегална и авторитарна македонска власт. Меѓу сите досегашни погрешни анализи и проценки со последниов пример се докажува промашеното градење на државната стратегија и позиции, со што се овозможува и јавно бламирање на премиерот, велат од СПМ.
Ваквите пораки доаѓаат во време кога македонскиот парламент ја почна постапката за менување на Уставот, како услов кој Унијата го постави за преминување во следната фаза на интеграциите и оддржување на втората меѓувладина седница. Во моментов земјите од Западен Балкан секоја во различна фаза од преговорите има кандидатски статус, освен Косово.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
