Ковачевски бара национален консензус за уставните измени - Предвремени избори не се опција
Ковачевски нема да ја убедува опозициската ВМРО-ДПМНЕ за да гласа за уставните измени, но бара општ национален конзензус за нив. Како што вели во интервју за државната МИА, не треба да има убедување за доброто на граѓаните и дека секоја политичка партија треба да покаже одговорност бидеќи граѓаните сакаат во ЕУ.
Иако не прифаќа предвремемени избори, вели дека се уште важи понудениот компромис од лидерската средба со Мицкоовски во мај, избори да има веднаш што ВМРО-ДПМНЕ ќе ги гласа уставните измени.
„Пратениците сега имаат многу поважна работа од терање изборни кампањи и калкулации за министерско, пратеничко или директорско столче. Пратениците сега имаат, би рекол најважна задача, а тоа е да обезбедат европска иднина и перспектива на земјата на граѓаните кои им го дале мандатот. Не само Владата, не само опозицијата, туку целото општество, треба да сме посветени на евроатлантските интеграции на Северна Македонија. Потребен ни е национален општествен консензус за конечно да ја постигнеме стратешката цел, Северна Македонија да стане членка на ЕУ“, вели Ковачевски.
Тој и понатаму тврди дека решението во уставните измени ги запазува државните и национални позиции и као шт вели, мора на сите да им биде јасно дека „нема да има подобар договор, нема да има да има нов договор, нема да има друга преговарачка рамка“. Уверува и дека нови барања од Бугарија ќе нема и дека новите барања на Европската унија ќе бидат реформи.
„Јасни беа и пораките од меѓународна заедница дека нема да има нови барања. ..Исто така, и Бугарија на повеќе наврати го потврди истото. Претседателот на Бугарија, Радев, потпретседателката Јотова, бугарското МНР, сите тие беа многу јасни во изјавите дека нема нови услови, очекувањата се дека ќе се исполнат договорените услови во преговарачката рамка“, вели премиерот.
Ковачевски тврди и дека владината коалиција е стабилна и покрај отцепувањето на Изет Меџити од владејачката ДУИ.
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, возвраќаат дека единствен консензус за кој може сега да се разговара со власта се избори.
„Зошто беше одбиен предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за општествен и политички консензус пред да прифати преговарачка рамка со ЕУ со која Бугарија ќе има можност и ќе ја искористи таа можноста да ја блокира Македонија секогаш кога нема да бидат исполнети иредентистичките, антимакедонски диктати од Софија? Но тоа се прашања за коишто ќе мора да одговори кога ќе се врати од луксузното одморалиште далеку од очите на јавноста, кога ќе се соочи со неизбежноста од одржување предвремени парламентарни избори“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
