Почна собраниската дебата за уставните измени, власта нема 80 пратеници
Уставните измени добија зелено светло од матичната собраниска Комисијата. Со двата усвоени заклучока, Парламентот го почна процесот на менување на македонскиот Устав. Со измените предвидено е додавање на бугарскиот, хрватскиот, црногорскиот, словенечкиот и египѓанскиот народ во Преамбулата и членовите 49 и 78 од Уставот.
Премиерот Ковачевски како предлагач вели дека уставните измени не се под никаков диктат и уцени, туку се во согласност на стратешката цел на државата, односно членството во ЕУ. Ги повика пратениците да донесат мудри, државнички одлуки и да го поддржат процесот на уставни измени.
За ВМРО-ДПМНЕ овие уставни измени се осудени на пропаст. Пратеничката група е децидна дека нема да дебатира и нема да ги поддржи измените зашто, како што рекоа Македонија не е на продажба. Координаторот Мицевски предупреди дека ваквите уставни измени овозможуваат правна рамка за негаторските политики на власта.
Власта повика на разум, измените на уставот биле историска одлука со која се унапредува Уставот и не се загрозува ниту едно идентитетско прашање.
И Левица најави дека е против вакви уставни измени. Алармираше дека ваквото менување на Уставот ќе донесе катастрофални правни последици, кои власта не ги споменува.
Албанските партии пак својот глас за уставните измени, го условуваат со нивните барања за менување на формулацијата јазикот кој го говорат 20 отсто, со формулацијата Албански јазик.
Роковите за менување на Уставот течат, а власта до 18-ти треба на своја страна да добие 80 пратеници. Дополнителен проблем за обезбедување на 2/3 мнозинство е и најавата пратеникот Енис Ибраим , од Партијата за движење на Турците, кој најави дека нема да гласа, бидејќи Амандманот XII што се однесува на Комитетот за односи меѓу заедниците бил неуставен..
За заклучоците на комисијата 10 пратеници гласаа „ЗА“ , а седум беа против.
Тонско Талат
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар
