Македонија
16. July 2023 - 16:43

Концесиите за рудниците на агендата на партиите

Нема одговорност за Бектеши, министерот од ДУИ за кој најмалку четворица министри од СДСМ тврдеа дека ги измамил за спојувањето на концесиите за рудиниците Иловица – Штука. Наместо проверка дали ја злоупотребил служебната положба како што бара опозциската ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Ковачевски најави дека министерот за економија ќе треба да даде отчет со сите документи за концесиите уште од 2012 година во времето на владата на Груевски, за да се преиспита одлуката.

Тој ја смирува ситуацијата во владината коалиција и „топката“ ја префрла на опозициската ВРМО-ДПМНЕ. Вели дека неговата партија останува против отворањето на рудниците.

Од друга страна, опозицијата и понатаму бара Ковачевски да го разреши Бектеши и тврди дека концесијата била дадена на фирми блиски до неговата матична партија ДУИ.

Дали Ковачевски додека мирно стоел пред Али и безпреговорно ги слушал неговите наредби, барем се обидел да го праша, која фирма се наоѓа како дел од концесионерите кои би вршеле ископ? .. И на крај, нека реши сам Димитар Ковачевски, дали ќе се осмели да го разреши Бектеши бидејќи ги довел во заблуда останатите министри, или ќе ги разреши оние министри кои гласале на влада, а не знаеле што гласаат, па така сега во прашање е здравјето на граѓаните и екологијата во струмичкиот крај. Господине Ковачевски, граѓаните повеќе не ни ве слушаат, а не пак да ви веруваат. Осмелете се, охрабрете се и да одиме на предвремени парламентарни избори, па тогаш гласот на граѓаните да ви каже дали живееме во 2023 година, во 2012 или пак во времето на транзицијата“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

Реагираат и од Социјалистичката партија на Македонија.

„Имајќи предвид дека концесиите кои се предлагаат од ова министерство на корисниците им носат огромни профити произлегува дека власта на ДУИ и СДС со манпулација оформува свои олигарси на штета на народот...Оставка на министер кој лаже мора да се спроведе веднаш и да се отповикаат одлуките кои се донесени со лага и измама, а треба да следи и кривична одговорност и казна“, коментираат од СПМ.

Од таму велат дека одговорност треба да се бара и од владиниот генерален секретаријат, секторот за законодавство, но и од вицептремиерот Битиќи кој е координатор на економските ресори.

Незадоволни граѓани, но и министeрките за екологија и за труд и социјална политика Шукова и Тренчевска вечeра протестираа против споената концесија за рудниците Иловица-Штука, тврдејќи дека не знаеле за што точно гласале на владина седница.  

Судрот на министрите на коалициските СДСМ и ДУИ доаѓа во пресрет на уставните измени за кои премиерот Ковачевски најави дека влегуваат во парламентот до крајот на месецот, а за кои се уште нема 80 пратеници, како и сред дебатата за можни предвремени избори.