Ковачевски ја поддржа оценската мисија на ЕУ во Судски, Советот се жали на медиумски кампањи
Премиерот Ковачевски поддржува оценска мисија на Европската унија во Судскиот совет. Поддршката стигнува само ден откако евроамбасадорот Гир најави дека бриселски екперти ќе ја чешлаат работата на Советот, по низата скандали и превирања и во самата институција, но и во судството општо.
Ковачевски вели дека не е првпат да има ваква мисија за Судскиот совет и дека идејата со Гир била разговарана уште лани.
И Судскиот совет ја поздрави и прифати идејата на Гир. Од таму велат дека се пдоготовени за соработка со амбасадорот за да може отворено да се разговара за сите прашања и предизвици што стојат пред судството.
„Членовите изразуваат целосна подготвеност за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет“, соопштуваат од ова тело.
Сепак, од таму обвинуваат за жестока неаргументирана медиумска и политичка кампања против Советот, а велат дека имале притисок и од невладиниот сектор со конкректни барања за оставки.
„Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси“, пишува во соопштението на Судскиот совет.
Евроамбасадорот Гир вчера ја најави оценската мисија со порака дека таа треба да се случи што побрзо. Коментирајќи ја работата на ова тело, тој рече дека Судскиот совет треба да ја штити и и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството, но од она што се случувало јасно е дека не го прави тоа. Експертите на ЕУ треба да му помогнат на Советот да изнајаде механизми за да си ја врши својата работа, рече Гир.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
