Обвинителството ги укори партиите за случајот ,,Феникс''
Политичките партии да не го злоупотребуваат случајот ,,Феникс'', побараа од Јавното обвинителство потсетувајќи ги политичарите дека и американскиот Стејт департмент пред неколку дена побара да се ограничи политичкото мешање во судството.
Државното обвинителство застана и во заштита на обвинителот Лапе кој го води случајот поврзан со финансиска злоупотреба при леењето на спомениците од Скопје 2014 во вредност од 57 милиони евра, а во кој осомничени се поранешниот градоначаланик на Центар – Тодоровиќ, поранешните министри Ставревски и Канчевска – Милевска, како и екс-премиерот Никола Груевски, но и други лица.
„Јавното обвинителство инсистира сите политички партии да запрат да ја злоупотребуваат во политички цели истражната постапка во предметот „Феникс“, како и кое било друго постапување на обвинителството. Воедно, Јавното обвинителство ги осудува сите обиди за јавна лична дискредитација на обвинителот кој максимално посветено и професионално постапува во предметот“, стои во соопштението на Обвинителството.
Во однос на коментарите дека приведувањата и истрагата биле темпирани иако случајот бил во обвинителството со години, од таму велат дека вештачењето стигнало само пред еден месец.
Имено, доказот што беше неопходен во оваа кривична постапка – материјално-финансиското вештачење, што по наредба на предметниот обвинител го изготви судски вештак, е примено на 01.06.2023 година. До јавниот обвинител документот е доставен на 05.06.2023 година. По негово проучување, во корелација со претходно обезбедените докази, на 12.06.2023 година јавниот обвинител до МВР веќе достави Наредба со насоки за подготовка на сите потребни мерки за реализација на кривичниот предмет, објаснуваат од Јавнотото обвинителство.
Но, и покрај ваквата порака партиите се уште со меѓусебни обвинувања за овој случај.
„Ако едно ново и целосно опремено училиште чини помеѓу 3 и 4 милиони евра, за 57 милиони евра можеле да се изградат минимум 15 нови училишта ширум државата. Не мислеле во ДПМНЕ за подобри услови на илјадници дечиња, не мислеле ниту за подобри услови за илјадници ученици, за ДПМНЕ не биле воопшто важни. Се мислело само како парите на граѓаните да завршат во џебовите на највисоките функционери на ДПМНЕ во тоа време. До денеска нема никаква промена во ДПМНЕ, тоа е истата криминална партија која не мисли на граѓаните“, изјави Даниела Колева, пратеник на СДСМ.
Вчера пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, рече дека случајот е дефокус на власта бидејќи ако имало дело тоа ќе било решено уште пред шест години. Тој нагласи дека наместо да се фрла сенка на идентитетските обелжја што ги носат споменците, да се отвори истрага за спомениците на УЧК во Слупчане, Колари и Зајас.
Од ДУИ пак, ова го протолкуваа како анти-албанска порака на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Наместо да повикува на војна сред Собрание пред целата јавност да покаже доблест и да се поклони пред спомен кулата во Слупчане“, коментираат Интегративците.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
