Македонија
23. јуни 2023 - 16:43

Ќучук најавува дека уставните измени ќе влезат во собрание за една или 2 недели

Уставните измени треба да влезат во парламентот за најмногу две недели. Вакво уверување добил бугарскиот европратеникот и известувач за Македонија, Илхан Ќучук, од македонските власти пред два дена кога беше во посета на земјава.

Но, додека Ќучук најавува дека процесот ќе добие на динамика, премиерот Ковачевски вели дека има време за тие да влезат во собраниска процедура. Измените веќе трета недела се во Владата откако работната група го изготви предлогот. Процесот застана по лидерската средба со Мицкоски на која не се обезбеди 2/3 мнозинство.

Премиерот и денеска ја повика опозицијата да се вклучи во процесот со цел да се почнат преговорите со Брисел, а потоа дури да следуваат избори.

Мицкоски пак, вчера остана на двете опции или уставни измени со одложено дејство или широка влада без ДУИ за избори, па потоа барање европски гаранции за уставните измени. 

Ковачевски денеска имал и телефонски разговор со новиот бугарски премиер Николај Денков. Како што информираат од неговиот кабинет, двајцата премиери разговарале да се промовира позитивна реторика која ќе помогне во меѓусебната доверба, но и да се продолжи со билатералната агенда. 

Бугарските медиуми пак, пренесуваат дека Денков јасно му посочил на Ковачевски дека новата бугарска влада очекува Македонија поскоро да ги направи промените во Уставот кои се договорени со ланскиот европски компромис. Без нив, нема продолжување на европскиот пат.

„Какви и напори да вложуваме за позитивен развој на билатералните односи тие ќе останат во втор план, или нема да се реализираат ако прашањето за вклучување на Бугарите во Уставот на С. Македонија не биде соодветно решено.  Нашата земја е подготвена да работи заедно со својот сосед за исполнување на обврските“, рекол Денков во разговорот со Ковачевски. 

При тоа бугарскиот премиер посочил и дека е важно во Македонија да нема инциденти и државата веднаш да реагира на нив за да покаже дека еднакво се грижи за сите граѓани.