Протест за смртта на Јана, родителите ќе бараат правда во странство
Денеска, точно три месеци по смртта на малата Јана, битолчани повторно на протест пред Обвинителството ќе бараат правда.
Револтот за собирот е официјалната одлука дека нема кривично дело во медицинскиот третман на девојчето и здравствените работници постапувале согласно сите правила и прописи.
На три месеци од смртта на ќерќата родителите по пошта го добија целосниот извештај од Судска медицина и одговорот дека причина за смртта е воспаление на срцевиот мускул поради бронхопневмонија предизвикана од вирус. Ќе протестираат вечер, а ќе бараат и експертиза во странство.
„Денеска се точно три месеци од смртта на Јана, не сме воопшто задоволни од извештајот на судска медицина, кажавме дека ќе одиме и понатаму со странска експертиза. Денеска во 19 часот има и протести...“, вели Кристина Христовска, мајка на починатата Јана.
Обвинитеството вчера соопшти дека нема да има постапка за случајот бидејќи немало елементи за несовесно лекување согласно Кривичниот закон.
Шестгодишната Јана почина на 22-ри март само неколку часа по приемот во педијатриското одделение. Родителите три месеци бараат правда, а истото го чека и Викторија Крстеска чие новороденче почина за краток период по породувањето во битолската болница. За овој случај се уште не се знае што покажала обдукцијата и дали ќе има и дополнително вештачење.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
