Македонија
17. јуни 2023 - 16:36

Нема договор на повидок меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за Уставот

10 дена по лидерската средба партиската реторика не се менува.

ВМРО-ДПМНЕ очекува одговор кое од нивните две барања е прифатливо за власта, СДСМ чека опозициски претставници за работни групи кои треба да ги продолжат разговорите. Од партијата повторуваат дека се подготвени да го отстапат дури и премиерското место во техничката влада, само да се откочи овој важен процес за европска интеграција на Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ не отстапуваат од ставот дека без прифаќање на нивните барања, уставните измени нема да добијат поддршка. Во таков случај, единствено решение се предвремени избори.

Она што е факт по лидерската средба е дека власта нема обезбедено 80 пратеници за промена на Уставот. Она што е факт дека единството на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е нескршливо и уставни измени под бугарски диктат нема да има. Уште еднаш го повикуваме Димитар Ковачевски да не биде кукавица и да прифати дуел со претседателот Христијан Мицкоски за да сите овие недоумици доколку ги имаат да им бидат расчистени на јавна сцена, истакна Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Преодна влада без ДУИ, измени на Уставот кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на Македонија во ЕУ, или предвремени избори, се предлозите со кои Мицкоски излезе од средбата со Ковачевски, но наместо договор, 10тина дена партиите само си разменуваат обвинувања преку медиумите.