Македонија
29. April 2023 - 16:37

По бурата реакции, ќе се отвори македонска паралелка за акушерки во средно медицинско

Полуматурантки кои сакаат ќе можат да се запишат и да учат за акушерки и на македонски јазик во средното медицинско Панче Караѓозов. По бурните реакции во јавноста на родители и стручната фела, министерството за образование најави измени во веќе објавениот конкурс со кој е предвидена само една паралелка за гинеколошко-акушерска сестра и тоа на албански јазик.

-Конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023-2024 година е  заеднички дефиниран, но сепак, постои време и простор за измени. Во таа насока, иницијативата на СУГС „д-р Панче Караѓозов“ е веќе разгледана и информираме дека ќе биде прифатена, односно ќе се отвори и паралелка на македонски наставен јазик за профилот гинеколошко акушерска сестра, ни одговорија од образование.

Најбурни со реакциите беа од Унијата на здруженија на медицински сестри од каде велат дека не може во медицината кадарот да се дели по националност и јазик.

-Искрено се надевам дека идната недела ќе има и паралелка на македонски јазик во Панче Караѓозов, бидејќи во Скопје ние само во две средни училишта имаме образование за медицински сестри и во случајот за акушерки со македонска наставна програма, вели Гордана Бешлиовска од Унијата на здруженија на медицински сестри, техничари и акушерки

И додека деновиве во јавноста имаше коментари дека немало разлика меѓу смеровите за медицинска сестра и гинеколошко акушерска, Бешлиовска со објаснување дека кога болниците и клиниките бараат кадар на конкурс точно знаат каков профил им е неоходен.

Дипломата за завршена гинеколошко-акушерска сестра никогаш не е конкурентна ако на огласот се бараат општи медицински сестри и обратно ..со конкурсите точно е предвидено што се бара, вели Бешлиовска.

Од Министерството за образование по критиките во јавноста дека на национална основа ги правеле уписите во средно, велат дека изминатите години  конкурсите за упис во средни училишта, ги креира преку инклузивен пристап, во дијалог со засегнатите чинители, односно со локалните самоуправи, училиштата и бизнис заедницата.