Охрид: Расте бројот на пациенти со кардиоваскуларни заболувања
Расте бројот на лица со кардиоваскуларни заболувања во Охрид. Според лекарите загрижува тоа што има тенденција на намалување и на возрасната граница а причина како што посочуваат во голема мера е стравот од ковид 19 кој доведе до пропуштени термини за редовни контроли, редуцирани контакти со семејството и блиските, и намалена физичка активност.
Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања ја обнови и надгради својата опрема преку набавка на десет дефибрилатори, комплетно опремено абулантно возило, централен мониторинг на интензивна нега и апарат за ехокардиографија.
Околу 520 милиони пациенти со КВБ во светот се силно погодени од КОВИД 19 пандемијата. Во овој период има зголемување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања, од Специјалната болница за кардиоваскуларни заболувања посочуваат дека превенцијата и редовните лекарски прегледи се најважни за спречување фатален исход.
Инаку во склоп на проектот „ХАРТ СЕЈВ СИТИС" секојдневно се вршат едукации на граѓани и медицински персонал за основно и напреднато одржување во живот со цел да се подобрат здравствените услови на ниво на градот.
-

Нина Аритоновска
Сите содржини од овој новинар
