Македонија
30. March 2021 - 20:42

Корупцијата се уште царува во македонското општество

Корупцијата се уште царува во македонското општество. Неа ја има во сите слоеви од највисоките, како што се политичарите, па преку средниот слој на државната администрација, се до најниските службеници. Граѓаните сметаат дека најмногу корупција има во инспекторатите, судовите, јавното обвинителство, при вработувањето и давањето на здравствените услуги. Дадоа и конкретни примери.

„За вработување за наставник во образование, побаран му е попкуп од 1.200 евра, парите се дадени, вработен е, се уште нема решение, но мора да кажува дека нема дадено поткуп“, вели една граѓанка.

„Секојдневно слушаме за такви ситуации во Прилеп, каде луѓето мора да дадат паричен поткуп или некоја друга работа да завршат за да бидат вработени. Тоа најчесто се случува и го гледаме насекаде околу нас“, вели друг граѓанин.

Станица П.Е.Т. од Прилеп го реализираше проектот „Правна едукација за борба против корупција“ со кој граѓаните ќе се едуцираат и ќе научат да ја препознаат корупцијата.

„Постои општ феномен кај нас дека не треба да се пријавува корупцијата затоа што државата ни е таква и често тоа се случува“, вели Џенгис Бериша, Станица П.Е.Т.

Корупцијата е толку многу в корењата во нашето општество што за жал полека како да станува нормално да дадеш поткуп за да завршиш работа во некоја државна служба.

„Граѓаните често пати не ја препознаваат ниската корупција. Бидејќи таа е дел од нашето секојдневие, лицата не се охрабруваат да пријават корупцијата затоа што до толку е вкоренета што веќе стана и нормално да се даде поткуп за да се заврши одредена работа“, додаде Христина Здравеска, Станица П.Е.Т.

Досега 92 лица се пријавиле дека се жртви на корупција, една третина поднеле и пријава за тоа, а институција во која имаат најголема доверба е Народниот правобранител.