Loading Video...
Ракомет
5. February 2021 - 15:26

Вардарци наместо кој Скопје останаа на аеродромот во Порто

Ракометарите на Вардар кои вчера загубија од Порто во меч од Лигата на шампионите, наместо на пат кон Скопје, денеска останаа заглавени на аеродромот во овој португалски град. 
 
Вардарци го претрпеа четвртиот пораз во шестиот одигран натпревар во Лигата на шампионите и тоа на гостувањето кај Порто со 24-27. 
 
Тренерот на црвено-црните Стефче Алушовски причината за овој пораз ја гледа во лошата игра во нападот во самата завршница.
 
„Бевме добри на стартот на мечот, посебно во одбраната. Но, имавме проблеми со нападот. Во последните десет минути кога се скрши резултатот, направивме многу кобни грешки во нападите. Мора да ги поправиме сите грешки за понатаму. Имаме многу натпревари во овој месец февруари“, изјави по мечот тренерот Алушовски.
 
Но, дали вардарци ќе можат да ги продолжат натпреварите во Лигата на шампионите останува да се види, имајќи во предвид дека црвено-црната експедиција заглави на аеродромот во Порто. 
 
Причината се новите Ковид-19 рестрикции кои ги воведоа поголемиот дел од европските земји. Вардарци требаше да се враќаат преку Франкфурт, но германските власти ја вброија Португалија во ризичните земји и ја ставија во црвената зона, па сите кои доаѓаа од таквите зони ќе мораат да останат во 14 дневен карантин. 
 
Сега е прашање кога и како Вардарци би се вратиле во Скопје, или можеби евентуално веднаш би заминале за Париз, каде веќе во вторник треба да го играат мечот против ПСЖ, а потоа и да гостуваат во Германија кај Фленсбург. 
 
Голема е веројатноста овие натпревари да бидат одложени.