На одбележувањето на 150 годишнината на Разловечкото востание најавена граѓанска иницијатива за прогласување на Разловци за заштитена историска целина

На 150-годишнината од одбележувањето на Разловечкото востание денеска во Разловци беше пуштен во употреба реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание за што Владата, Министерството за култура и Конзерваторскиот центар издвоиле дваесет милиони денари. На свеченоста, во својот говор, градоначалникот на Делчево, Иван Гоцевски, истакна дека до Управата за заштита на културното наследство и Министерство за култура и туризам ќе биде поднесена граѓанска иницијатива Разловци да биде заштитена историска целина, а 19 мај да биде прогласен за неработен ден.
На свеченоста се обратија премиерот Христијан Мицкоски, министрите за култура и туризам и за одбрана, Зоран Љутков и Владо Мисајловски, како и други јавни личности и граѓани од Разловци и делчевската околија.
- Поднесуваме граѓанска интитуционална иницијатива за почнување постапка за прогласување на село Разловци за заштитена историска целина (културно наследство од особено значење) на Македонија. Ние, долупотпишаните граѓани, жители на село Разловци, Општина Делчево, пошироката јавност и почитувачите на македонската историја, врз основа на Законот за заштита на културното наследство, ја поднесуваме оваа официјална граѓанско-институционална иницијатива... со која ќе побараме надлежните институции да почнат постапка за изработка на елаборат за валоризација и донесување закон за прогласување на село Разловци за културно наследство од особено значење - заштитена историска целина - рече Гоцевски.
Сите ние денеска оставаме силна порака пред историјата, додаде делчевскиот градоначалник, посочувајќи дека „овде е центарот на Балканот, крстопат на цивилизациите“ и дека Разловци треба да го добие заслуженото место во македонската општествена свест.
- Денес, одбележуваме голем јубилеј! 150 години непокор на македонскиот народ! 150 години борба за слобода и просперитет! 150 години постоење на пламенот што ја грее Македонија, рече Гоцевски додавајќи дека тогаш во Разловци се родил крикот на македонскиот непокор.
Гоцевски го цитираше Димитар Поп Ѓеоргиев Беровски кој рекол дека „Македонецот не бара милост, туку слобода. Нашата борба е за нашата чест“ посочувајќи дека денес ние не се поклонуваме само пред минатото, туку се поклонуваме пред достоинството.
- Колку тоа во минатото и некому да не му одговарало, да се обидува да го заборави, намерно или ненамерно, ние како одговорни луѓе ќе го чуваме, промовираме и ќе ја раскажуваме вистината за Разловци која мора да ја слушаат нашите деца, да ја научат и да ја знаат, за да ја остават на своите наследници како аманет - рече Гоцевски кој му се заблагодари на премиерот Мицкоски за поддршката.
Реконструираниот Спомен дом на Разловечкото востание, како што кажа, не е само објект од стакло, камен и дрво, туку е храм на македонската меморија, место каде секој еден човек и секое дете ќе можа да ја почувствуваат тежината на борбата и величината на идеалот за слобода.
Со поддршка на Владата и Министерството за култура и туризам преку Националниот конзерваторски центар Скопје и Националната установа Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров” Делчево се извршија конзерваторско-реставраторските работи за непосредна заштита на Спомен домот на Разловечкото востание и негово прогласување за културно наследство и уредување. Во подготовката на историската поставка учествувале наши врвни научници и историчари.
- Овој голем јубилеј нека биде повик за нашата одговорност како генерација да го чуваме и афирмираме историското наследство, повик за единство и повик да веруваме во сопствените капацитети во нашата борба за достоинствена Македонија, исто толку, колку што верувале и Димитар Поп Георгиев Беровски и Поп Стојан и нивните приврзаници- разловечките востаници - рече Гоцевски.
На свеченоста по повод 150 годишнината од Разловечкото востание и пуштањето во употреба на реконструираниот Спомен дом, се обрати и премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцираше дека треба да ја чуваме и да ја градиме државата и да не дозволиме никој да ја понижува.
- Нека биде вечен споменот на хероите од Разловечкото востание. Нивната жртва нека биде наш завет. Нека биде вечна Македонија - порача Мицкоски.
Во говорот тој повика на обединување за државните и националните интереси затоа што, како што рече, ниту една политичка разлика не смее да биде поголема од татковината и ниту една лична амбиција не смее да биде поважна од иднината на нашите деца.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков истакна дека Разловечкото востание претставува вонвременски миг во кој еден народ застанува пред бездната на сопственото исчезнување и одлучува дека достоинството вреди повеќе од животот.
- Во таа одлука лежи целата негова големина. Јунаците од Разловци не ја победија Империјата, но ја победија тишината, а тишината е најстрашната форма на ропство. Одовде во Разловци, селани, учители, свештеници и револуционери тргнаа кон сигурна саможртва и токму затоа нивниот чин ја надминува историјата и влегува во вечноста на македонската легенда. Во тоа е трагичната величественост на Разловечкото востание, рече тој.
На одбележувањето на 150 години од Разловечкото востание многубројни делегации положија цвеќе пред реконструираниот Спомен-дом на Разловечкото востание.
МИА
Ново на Сител
-

Министрите ќе може да имаат двојно државјанство, предлог законот на СДСМ не помина во Собрание
-

Сиљановска: Не бараме привилегии од ЕУ
-

Опозициски прашања во Собранието
-

ВМРО-ДПМНЕ: Коалревиќ и Абази одработуваат за СДСМ и ДУИ
-

Поскапуваат горивата од полноќ, попустот од Окта веќе не важи
-

Финансиска полиција откри милионско затајување кај скопска фирма без специјализирана дејност
-

Годишен извештај на Ало Бушавко за 2025-та година: 19 деца сакале да се самоубијат или имале самоубиствени мисли
-

Преглед на вестите од светот
