На 22 јануари започнува подготовката за избори
Пред крајот на идниот викенд Премиерот Ковачевски и спикерот Џафери ќе си поднесат оставки. На една од последните координации пред да замине на Илинденска, собранискиот претседател најави дека целата постапка за организирање на изборите и формирање на техничката Влада ќе се спроведе на две собраниски седници кои ќе се закажат во периодот од 22 до 28 јануари. На нив треба да се констатираат оставките, да се именува нов пратеник на местото на Џафери, да се избере Јован Митрески за Претседател на Собранието како и новиот владин кабинет.
За ДИК се уште нема договор, поради што албанската опозиција веќе го бојкотира Собранието а најави и можност за блокада на избирачки места на денот на изборите.
СДСМ не планира некои рокади во министерските позиции а такво нешто не се очекува ниту во ДУИ. Во ВМРО-ДПМНЕ своите предлози за министри ќе ги соопштат во четврток за кога го свикаа и Централниот комитет на партијата. Кадрите се уште се држат во тајност иако во јавноста циркулира името на Чулев за прв човек во МВР и Трипуновски за заменик во земјоделие.
Паралелно се загрева и Претседателската трка. Стево Пендаровски добива се поголеми шанси во трката со Оливер Спасовски додека во ВМРО-ДПМНЕ членството е наклонето кон Александар Спасеновски иако големи шанси има и професорката Гордана Силјановска. Интересна ќе биде и трката во албанскиот етнички блок. По најавата на опозицијата дека ќе оди со свој кандидат, во прв план избива името на Руфи Османи. Тоа ќе го проблематизира планот на СДСМ и ДУИ заеднички да го поддржат Пендаровски, бидејќи добар резултат за Османи во првиот круг ќе биде ветер во грбот на опозицијата во пресрет на парламентарните избори, расплет пред кој Ахмети не може да остане рамнодушен.
Пред Нова Година Мицкоски му упати порака на Ахмети дека без да предложи свој кандидат за Претседател не треба да се надева на било каква соработка со ВМРО-ДПМНЕ.
Првиот круг од претседателските избори е на 24 април, а вториот заедно со парламентарните на 8 мај.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
