МВР: Успешно евакуирани три лица од непристапен терен на Шар Планина

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека три лица се успешно евакуирани од непристапен терен на Шар Планина.
Триесет и осум годишниот А.Ч. од село Жеровјане вчера во 18:46 часот во СВР Тетово побарал помош за него и уште две лица, Н.М. од с.Слатино и Б.А. од с.Глоѓи.
Пријавителот известил дека со возило пристигнале до местото викано „Три води“, атар на село Теарце, по што пешки се упатиле кон Шар Планина и останале заглавени, а притоа оддеднаш му се влошила здравствената состојба со болки во градите и отежнато дишење.
Веднаш по добиената пријава се известени Полициското одделение Теарце и Територијалната противпожарна единица лоцирана во село Лешок.
Н.М. и Б.А. успеале да го симнат А.Ч. до местото викано „Бачило“, каде биле пречекани од спасувачката екипа на Територијалната противпожарна единица.
По пронаоѓањето, групата заедно со спасувачите пешки се спуштила до нивното возило, а во 20:40 часот кај местото „Три води“ биле прифатени од полициски службеници од ПО Теарце.
Лицата безбедно се спроведени до регионалниот пат кај с.Лешок, каде пристигнала екипа на Итна медицинска помош од Тетово, при што А.Ч. синоќа во 00:55 часот со амбулантно возило е пренесен во Клиничката болница Тетово за укажување лекарска помош.
За случајот претходно информира и Центарот за управување со кризи (ЦУК), нагласувајќи дека тројца планинари синоќа успешно биле извлечени од планината Бистрица.
Преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112, во 18:46 часот, во Регионалниот центар за управување со кризи (РЦУК) Тетово била примена пријава од лице кое побарало помош за извлекување од планината Бистрица, поради заглавеност на непристапен и тежок терен.
Како што соопшти ЦУК, според добиените информации, станувало збор за група од тројца планинари, при што едно од лицата за време на движењето почувствувало посериозни здравствени тегоби – болки во градите, отежнато дишење и отежнато движење. Лицата не биле повредени, но поради здравствената состојба и непристапноста на теренот било потребно итно организирање на спасувачка акција. До нивната локација не постоела можност за пристап со теренско моторно возило, туку било потребно пешачење од најмалку три до четири часа.
Веднаш по приемот на пријавата, Центарот за управување со кризи, преку РЦУК Тетово, воспостави координација со СВР Тетово, Итната медицинска помош, Дирекцијата за заштита и спасување – Тетово и Националниот парк „Шар Планина“, со цел организирање на безбедна евакуација на лицата.
Во акцијата беше вклучен и алпинист-спасител, член на Тимот за брза интервенција и спасување во планина, кој веднаш се упати кон пријавената локација. Во текот на целата акција, ЦУК преку РЦУК Тетово одржувал континуирана комуникација со пријавителите и ја координирал работата на сите надлежни институции, согласно Стандардните оперативни процедури за спасување лица во животозагрозувачка состојба.
По пристигнувањето на алпинистот-спасител до групата, во консултација со тимот на Итната медицинска помош била извршена проценка на здравствената состојба на лицето. Констатирано било дека, со придружба на спасителот, може безбедно да се движи до пристапна локација.
На безбедната точка планинарите биле пречекани од полициски службеници и екипа на Итната медицинска помош, по што биле транспортирани до Клиничката болница во Тетово за понатамошен лекарски преглед.
По извршените лекарски прегледи било констатирано дека лицата не се здобиле со повреди и, по укажаната медицинска помош, беа пуштени на домашно лекување.
МИА
Ново на Сител
-

Носкова: Ова никогаш нема да го заборавам
-

СП 2026: Аргентинците веруваат во одбрана на титулата
-

СП 2026: Норвешка сега ја има на фудбалската карта
-

Русија тврди дека украинската армија погодила танкер во Црно Море
-

ДЗС: Артилериска граната тешка 13,6 кг отстранета од плажа на Дојранското Езеро | ФОТО
-

Почина американскиот сенатор Линдзи Греам
-

Во координирана акција на ЦУК и МВР, кај Матка успешно пронајден изгубен романски државјанин
-

Успешна акција за извлекување на тројца планинари од планината Бистрица
