Мухамед Сејдини приведен за проневера и злоупотреби
Поранешниот Претседател на ФФМ, Мухамед Сејдини е приведен под сомнение за проневера и злоупотреби. Информацијата утрово ја потврди полицијата
Повеќе детали не соопшти ниту обвинителството.
„Во рамките на предмет оформен во ОЈО Скопје, полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал и Одделот за криминалистичка полиција лишија од слобода едно лице поради дејствија кои упатуваат на сомненија за сторени кривични дела - проневера и злоупотреба.“ – се вели во соопштението на обвинителството и се додава дека по овој предмет се уште се постапува.
Неофицијално, Сејдини е приведен под сомнение дека како претседател на ФФМ на своја рака го променил договорот за изградба на трибина на стадионот во Охрид за што голем дел од парите дошле од УЕФА. Според информациите, спротивно на одлуката на Управниот одбор на фудбалската федерација, Сејдини во договорот вметнал авансна исплата и префрлил 700.000 евра на фирмата изведувач. За тоа не добил ниту банкарска гаранција.
За истиот случај, пред крајот на минатата година новото раководство на ФФМ му отвори дисциплинска постапка а пред два месеци и официјално му изрече две годишна суспензија за било каква функција во фудбалот.
Мухамед Сејдини повеќе од една деценија беше дел од ФФМ од кои 6 години на претседателското место пред да си поднесе оставка во 2024тата.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
