МОМ предупредува: Превозот на тела на жртви од ебола го зголемува ризикот од ширење на заразата во ДР Конго

Пренесувањето на телата на лицата починати од ебола меѓу различни делови на Демократска Република Конго, најчесто за да бидат погребани во родните места, претставува сериозен ризик за понатамошно ширење на заразата, предупреди денеска Меѓународната организација за миграција (МОМ).
Според податоците на МОМ, до 14 јули во Демократска Република Конго и во Уганда се регистрирани повеќе од 2.000 случаи на ебола и околу 700 смртни случаи, при што речиси две третини од починатите не починале во клиники или во болници.
Еболата, која често има смртоносен исход, се пренесува преку директен контакт со телесни течности на заразени луѓе или животни и предизвикува симптоми како висока температура, повраќање и внатрешни и надворешни крвавења. Сегашната епидемија е предизвикана од сојот Бундибуџо.
Вирусот останува високо заразен и по смртта на заразеното лице, поради што безбедното постапување при погребите претставува еден од клучните елементи за контрола на епидемијата.
– Ако телата не се третираат соодветно и ако не се вклучи локалната заедница, тоа значи дека ќе има поголемо ширење на заразата во заедницата – изјави Ендру Мбала од организацијата со седиште во Женева.
Претставници на МОМ посочија дека транспортот на телата меѓу различни окрузи во Демократска Република Конго претставува особено голем предизвик, бидејќи семејствата сакаат своите блиски да ги погребаат во местата од каде што потекнуваат.
– Не сме регистрирале случаи на пренесување тела во друга држава, но имало бројни случаи на транспорт на починати во рамките на земјата – изјави Мбала.
МОМ предупреди дека ваквата практика може да придонесе за ширење на вирусот во нови подрачја доколку телата не се третираат и не се погребуваат според безбедносните здравствени протоколи.
МИА
Ново на Сител
-

Новиот закон овозможува државни и приватни дата центри, вели Николоски
-

За викендот сончево и многу топло, од вторник грмежи и засилен ветер
-

Иран предупреди на масовен одговор по заканите на Трамп за напади врз критичната инфраструктура
-

На Деве Баир спречен обид за криумчарење на две илјади парчиња медицински препарати | ФОТО
-

Уставниот судија Гоце Наумовски поднесе оставка
-

Николоски: Во август јавни презентации на студиите за брзата пруга, изградбата стартува на крајот на годинава
-

Определен 30 дневен притвор за сопружниците осомничени за убиството на докторот Ацо Трповски
-

Косовски државјанин избегал од царинска контрола на Блаце, по потера уапсен во Скопје – пронајдени марихуана и нож
