Loading Video...
Фудбал
7. October 2020 - 13:55

Младинците подготвени за дуелот против Казахстан

Младата македонска фудбалска селекција (У21) утре проив Казахстан, ќе го игра првиот од двата квалификациски натпревари и тоа веројатно решавачки за освојување второто место во групата, а со тоа и задржување на надежите за настап на Европскиот шампионат
 
Со императив за победа младите македонски фудбалери ги очекуваат дуелите против Казахстан и Израел репрезентации кои се директни конкуренти на црвено-жолтите за втората позиција на табелата. 
 
Давор Здравковски најавува дека ќе се атакува на трите бода, а со тоа и ќе се задржат шансите за нов пласман на ЕП. 
 
„За нас од почетокот на квалификациите секој натпревар е важен. Нашата амбиција останува иста, целиме кон трите бода како и на секој друг меч. Може да се очекува една мотивирана Македонија како и на секоја друга средба. Единствено чувствуваме притисок да го дадеме максимумот за овој дрес“, истакна Здравковски.
 
И селекторот Милевски смета дека неговите избраници ќе одиграат на победа. 
 
„Откако УЕФА направи промени за тоа кој од групата ќе обезбеди пласман на ЕП, нам ни останува на секој натпревар да се бориме за победа, така што нема да калкулираме. На првиот дуел со Казахстан не ги искористивме шансите и поуката е извлечена. Наш императив е да го дадеме нашиот максимум на сите натпревари, а што ќе донесе тоа ќе видиме по завршувањето на овој прозорец“, изјави Милевски.
 
Инаку Казахстанците во моментов се на втората позиција на табелата во шестата групата и тоа со идентични 10 бодови како и македонската селекција, но имаат одиграно и натпревар повеќе од нашата репрезентација. 
 
Натпреварот Казахстан - Македонија  ќе се игра утре во Алмати со почеток од 13 часот. 
 
По овој меч македонските надежи се враќаат во Скопје, каде на 13 октомври ќе го играат дуелот против Израел селекција која со 8 бодови е веднаш зад Казахстан и Македонија.