Македонија
21. September 2026 - 9:54

Министерството за енергетика ќе ги соопшти активностите за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) денеска ќе ги соопшти натамошните активности за заштита, сертификација и промоција на македонскиот рубин. Ќе бидат презентирани досегашните, но и идните чекори за воспоставување на системот за заштита и препознатливост на македонскиот рубин - од утврдување и документирање на потеклото, преку сертификација и воспоставување јасни критериуми, до создавање механизми за негова автентична промоција.

Како што е најавено, посебен фокус ќе биде ставен на активностите за негово меѓународно промовирање.

Според Министерството, ова ќе биде можност јавноста и медиумите директно да се информираат што е досега направено, што следува и како ќе се одвива целиот процес во наредниот период.

На настанот ќе присуствуваат министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, членовите на новоформираната Комисија за македонскиот рубин, како и претставници на Геолошкиот завод, Заводот за индустриска сопственост, Министерството и другите институции и чинители вклучени во процесот.

Министерката Божиновска во јуни годинава соопшти дека пристигнало решението со кое и официјално се заштитува македонскиот рубин како наш, македонски полускапоцен камен. 

Рубинот што се вади во Македонија е геолошки и естетски уникат: познат е како корунд со карактеристична малиново-розова боја, што се јавува поради присуството на хром во неговата кристална структура. Се наоѓа исклучиво во околината на Прилеп и во планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално. Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата - симбол на природната убавина и националната гордост.

Активностите за заштита на македонскиот рубин почнаа во септември 2025 година.

 

МИА