Македонија
21. September 2026 - 11:23

Мицкоски разговараше со Рубио во Њујорк: Потврдена важноста на стратешкото партнерство и на континуираниот политички дијалог со САД

Премиерот Христијан Мицкоски информира дека во Њујорк разговарал со американскиот државен секретар Марко Рубио оценувајќи ја средбата како значајна за натамошното зајакнување на македонско-американските односи.

„Во Њујорк разговарав со државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Марко Рубио.
Овие разговори имаат особено значење и претставуваат потврда на важноста на стратешкото партнерство и на континуираниот политички дијалог со Соединетите Американски Држави“, објави премиерот. 

„Директната комуникација на високо политичко ниво е важна можност за размена на ставови за прашањата од заеднички интерес, за продлабочување на билатералните односи и за натамошно зајакнување на нашата позиција како стабилен и доверлив сојузник“, наведе Мицкоски.

Во објавата премирот се осврна и на актуелниот геополитички контекст посочувајќи дека во период на сериозни предизвици силните партнерства и отворениот дијалог со стратешките сојузници имаат особено значење.

Тој порача дека Македонија има јасно дефинирани државни интереси и дека продолжува да ги застапува „достоинствено и принципиелно“ во соработка со своите стратешки партнери.

„Продолжуваме да го јакнеме македонско-американското стратешко партнерство и да создаваме нови можности“, порача Мицкоски.

МИА