Мицкоски најавува убедлива победа на изборите
Ако ДУИ не предложи свој кандидат за Претседател Ахмети нека заборави на било каква коалиција со ВМРО-ДПМНЕ по изборите. Опозицискиот лидер на новогодишниот брифинг со новинарите потенцираше дека првиот круг од претседателските избори ќе биде пресуден за исходот на парламентарните, а неговата партија нема да соработува со албанскиот партнер кој ќе му даде поддршка на кандидатот на СДСМ.
Тој смета дека силна победа во првиот круг од претседателските избори ќе донесе уште подобар резултат на парламентарните. Повикувајќи се на последните анкети Мицкоски вели дека неговата партија има стабилна двојна предност пред СДСМ.
Анализите покажале дека ако изборите се одржат сега, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе освои меѓу 51 и 54 пратеници. Ако СДСМ, ДУИ и Алијанса одат во заедничка коалиција според анализите на Мицкоски ќе освојат меѓу 41 и 43 пратеници. Доколку СДСМ се решат на избори да одат сами, тогаш според Мицкоски освоениот број на пратеници ќе им се движи меѓу 26 и 29. ДУИ сами на избори би освоиле околу 13 пратеници а Алијанса 3. опозицискиот албански блок околу 10 а уште околу 12 пратенички места се очекува да поделат листите на Левица и на Максим Димитриевски.
Мицкоски денеска и официјално потврди дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката Влада но нивните пратеници нема да гласаат за изборот на Џафери. НЕ сакаше да открие со кои имиња ќе влезе во техничката Влада но името на Наќе Чулев циркулира како најизвесен наследник на Оливер Спасовски. Не откри детали ни за носителите на листи но се чини најголеми шанси имаат Мисјаловски во двојка, Ковачки во 3ка, Николовски во 4ка, петката за битолскиот градоначалник Коњановски а 6ка за потпретседателката Кочовска. Својот претседателски кандидат опозицијата ќе го избира на конвенција на 3 март а тука најголеми шанси имаат професорите Сиљановска и Спасеновски.
Мицкоски вели дека неговата партија е максимално подготвена за избори. При крај е подготовката на програмата а на терен веќе се ангажирани над 10.000 партиски активисти.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
