Македонија
21. August 2026 - 13:41

Мицкоски: Како држава годинава се справуваме најдобро со пожарите

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Прилеп, рече дека како држава се справуваме најдобро со пожарите имајќи го предвид фактот сè она што се случуваше ова лето со пожарите во другите држави, како Франција, Шпанија, соседна Грција, Хрватска, Црна Гора, Турција и соседна Србија.

- Во 2024 година во јуни сите три летала, или познати во јавноста како „ер трактори“, беа приземјени, без да биде направен соодветен ремонт на време. Оваа година ремонтот на овие три латала беше направен и завршен и тие беа на писта во мај оваа година. Значи, беа целосно подготвени за да интервенираат онаму каде што има криза - рече Мицкоски при посетата на Прилеп.

Тој потсети дека минатата година заедно со Министерството за одбрана и внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи и уште неколку други институции ги пренамениле воените возила во противпожарни.

- Минатата година заедно со Министерството за одбрана и внатрешни работи и Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи и уште неколку други институции влеговме во процес во кој ги пренаменивме воените возила, познати помеѓу армиските старешини и војници како „пинцгауери“, „хермелини“, бе-те-ери и така натаму, така што во нив беше вграден резервоар, кој ние денеска го полниме со вода, и ќе ги користиме овие возила. Информиран сум дека седум такви беа користени изминативе денови, со кои се справувавме со пожарната стихија тука во Прилеп и Прилепско - изјави Мицкоски.

Премиерот посочи дека оваа година 300 доброволци беа примени во рамките на Дирекцијата за заштита и спасување со договор на дело во определено време во рамките на проектот и нивниот ангажман е регулиран од страна на Дирекцијата за заштита и спасување, нешто што, посочи тој, досега никогаш во минатото не беше направено.

- И можам да заклучам дека ако оваа година се спореди со она што се случуваше во Европа, пожарите кои беа во Франција, Шпанија, соседна Грција, Хрватска, Црна Гора, Турција, соседна Србија, ова што последно се случува, сметам дека ние како држава се справивме најдобро досега - потенцира Мицкоски.

 

МИА