Мицкоски: Историски најниска невработеност и над 15.000 нови работни места во последната година

Повеќе од 15.000 нови работни места се креирани во последната година, со што бројот на вработени во државата достигна околу 710.000, а бројот на пријавени невработени е под 90.000, изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска присуствуваше на започнување на доградба на ООУ „Гоце Делчев“ во скопската општина Аеродром.
Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање истакна дека реалната бројка на невработени, ако од вкупниот број пријавени невработени се изземат околу 30.000 земјоделци, како и лицата кои формално се водат како работоспособно население од 15 до 65 години, меѓу кои има и средношколци за кои образованието е задолжително, изнесува околу 35 до 40 илјади лица.
-Тоа е под пет проценти од работоспособното население и претставува историски најниско ниво од кога постои независна Македонија - нагласи премиерот.
Како резултат на, како што рече, засилената инвестициона активност и поддршката од Владата, Мицкоски посочи дека економијата шест квартали по ред бележи реален раст од 3,5 проценти.
-Ако се погледне номиналниот бруто-домашен производ за 2026 година, и тоа не според Владата, туку според Меѓународниот монетарен фонд, тој ќе изнесува околу 22 милијарди долари – информираше Мицкоски.
Тој додаде дека растот на номиналниот бруто-домашен производ, во споредба со периодот на претходната влада, е трипати поголем, во услови кога економијата во рамки на еврозоната расте со помалку од 1 процент.
Премиерот нагласи дека економските резултати се должат не само на поддршката на стопанството преку субвенционирани кредити со каматна стапка под 2 проценти, туку и на реализацијата на капитални проекти.
-Во моментов имаме повеќе од 1.200 активни проекти, односно градилишта, кои се реализирани само во последните две години, директно наменети за заедниците преку локалната самоуправа - рече Мицкоски.
Тој потенцираше дека инвестициите се реализираат во сите општини под еднакви критериуми, без разлика на политичката припадност на градоначалниците, при што вкупната вредност на проектите достигнува приближно половина милијарда евра.
МИА
Ново на Сител
-

Британскиот амбасадор Лосон преку видео порака на македонски го честиташе Денот на македонскиот јазик
-

Авионска дезинсекција на скопската територија во четврток
-

УЈП: Над 860 илјади граѓани добија однапред пополнети годишни даночни пријави за 2025 година
-

Постигната спогодба меѓу Џастин Балдони и Блејк Лајвли во врска со тужбата за наводно сексуално вознемирување
-

Средба на Сиљановска-Давкова со романскиот претседател Дан: Добрите политички односи да бидат проследени со поширока економска соработка
-

Бујар Османи од Брисел: Европскиот пат е блокиран, Охридскиот договор се урива
-

АХВ од Тетово почнува со работилници за управување со популацијата на кучиња
-

Во април расчистени 2.750 кубни метри отпад од диви депонии во Скопје
