Македонија
3. July 2023 - 16:33

Мицкоски: Ако еден пратеник гласа ќе си одам, тие бараат начин да продолжат да крадат

Нема пратеници од ВМРО-ДПМНЕ што власта може да ги убеди за уставни измени, тврди лидерот на партијата Христијан Мицкоски откако министерот за надворешни работи Османи ја отвори тезата дека има опозциски пратеници што би дале поддршка на процесот.

Мицкоски е дециден дека уставни измени под бугарски диктат нема да има и дека зад тоа стои целата пратеничка група. Дополнително, тој тврди дека ако еден од неговите пратеници замине на другата страна тој ќе си поднесе оставка.

Османи викендов излезе со тврдење дека има група народни избраници од ВМРО-ДПМНЕ кои идеолошки се наклонети за внесување на Бугарите во Уставот. Тој најави и дека ќе се сретне со пратеници и функционери на партијата за да ги убеди да ги подржат промените во Уставот.

Османи рече дека има луѓе во ВМРО-ДПМНЕ кои тврдат дека не треба да се испушти сегашната можност во Уставот да се направи јасна дистинкција дека Бугарите се малцинство во земјава.

Измените на Уставот повеќе од еден месец се во Владата откако  беа изготвени од страна на експертската група. Најавите од Ковачевски се дека тие во парламентот ќе влезат до крајот на јули, па и да се случи првото од трите гласања за нив.