Свет
21. August 2026 - 20:59

Метеоролозите предвидуваат „невиден“ Ел Нињо, 2027 ќе биде најтоплата година досега

Метеоролошката служба на Велика Британија предупреди дека феноменот Ел Нињо, кој се развива над Тихиот Океан, веројатно ќе биде најсилниот во поновата историја. Моќниот природен климатски феномен предизвикува раст на глобалните температури и може да го зголеми ризикот од екстремни метеорлошки настани, објавува BBC Weather.

Со ефектите од климатските промени предизвикани од човекот, Метеоролошката служба на Велика Британија оценува дека 2027 година веројатно ќе биде најтоплата година досега.

– Мора да бидеме јасни: ова е невиден настан. Никогаш не сум видел толку силен сигнал за Ел Нињо во нашите прогнози, изјави професорот Адам Скеиф, раководител на долгорочното предвидување во Метеоролошката служба.

Ел Нињо е природен метеоролошки феномен што се јавува на секои две до седум години и трае околу една година.

Научниците обично прогласуваат Ел Нињо кога температурите на површината на морето во клучен дел од Тихиот Океан се за 0,5 степени или повеќе над повеќегодишниот просек.

Сепак, сегашните мерења покажуваат дека тие се повеќе од два степена над нормалата, а најновите прогнози од британската Метеоролошка служба сугерираат дека ова затоплување би можело да надмине три степени, додека Ел Нињо се приближува до својот врв.

Тоа би било без преседан во метеоролошките записи што датираат од 1950 година, и веројатно најсилно затоплување од 19 век досега, соопшти Метеоролошката служба.

Некои други климатски организации предвидуваат уште поекстремни вредности од оние што ги прогнозира Метеоролошката служба, можеби дури 4 степени Целзиусови над просекот.

– Доколку се случи тоа, не е невозможно да го имаме најсилниот Ел Нињо во последните 500, па дури и 1.000 години, вели Ник Хаусфадер, климатолог во американската истражувачка организација „Беркли Ерт“.

Д-р Ник Данстон, климатолог во британската Метеоролошка служба, смета дека ова би можело да доведе до зголемување на глобалните просечни температури.

– Многу е веројатно дека 2027 година ќе ја замени 2024 како најтоплата година досега, смета Данстон.

Порано овој месец, Организацијата за храна и земјоделство на ОН предупреди дека Ел Нињо може да загрози десетици милиони луѓе во земјите изложени на ризик, предизвикувајќи штети во земјоделството и несигурност во снабдувањето со храна.

 

МИА