Македонската кикбокс репрезентација опатува на Светското јуниорско првенство во Лидо, Италија

Македонската кикбокс репрезентација е подготвена за настап на Светското јуниорско првенство во организација на Светската кикбокс организација ВАКО, кое од 18 до 27 септември ќе се одржи во Лидо, Италија.
Македонија на ова големо светско натпреварување ќе ја претставуваат 18 репрезентативци, предводени од тројца тренери, во состав:
Тренери: Дејан Митровски – Урко, Драган Атанасовски и Александар Димовски.
Репрезентативци: Драган Пандев, Андријано Димишковски, Марко Баснарков, Марија Димовска, Сергеј Ушлиновски, Глигор Николовски, Петар Лозановски, Драгица Глигорова, Калин Бабовски, Томи Андонов, Андреј Смилевски, Иван Кукуновски, Милан Нешевски, Антонија Тасева, Петар Илковски, Туркер Исмаил.

Пред заминувањето, селекторот и претседател на Кикбокс Маитаи федерацијата на Македонија, Дејан Митровски – Урко, ги истакна очекувањата од настапот на македонските репрезентативци.
„Очекувам најмалку четири медали од ова Светско првенство. Секако, секогаш сакаме повеќе, но пред сè очекувам максимален учинок и борба од секој еден наш репрезентативец. Секој што ќе го облече македонскиот дрес е спремен да даде сè од себе, без разлика на противникот и исходот од борбата.“
Митровски посочи дека резултатот е важен, но дека приоритет во овој момент е репрезентацијата безбедно да пристигне во Италија и сите натпреварувачи да бидат подготвени за настап.
„Најпрво посакувам убаво и безбедно да стигнеме во Лидо, сите да го поминеме мерењето и задолжителните лекарски проверки без проблеми, да нè послужи среќата при ждребот и, пред сè, да нема несакани повреди. Потоа останува на нас да го дадеме максимумот во рингот и на татамите.“
Селекторот и претседателот на КМФМ ја истакна и желбата македонската експедиција да има што повеќе причини за славење во Италија.
„Нашата голема желба е во Лидо што повеќе пати да се вее македонското знаме и да се слуша македонската химна. Тоа е мотивот за кој работевме, трениравме и се подготвувавме. Сакам секој наш репрезентативец да остави срце во борбата и по завршувањето на првенството да знаеме дека сме го дале максимумот што сме го имале во тој момент.“
Македонската репрезентација на Светското првенство ќе настапи со амбиција да ја претстави државата на највисоко ниво и да продолжи со успешните настапи на македонските кикбоксери на меѓународната сцена.
Ново на Сител
-

Вучиќ: Специјалниот суд за Косово сакаше да го зачува кредибилитетот на ОВК
-

Централно-левичарска опозиција победи на изборите во Шведска
-

Русија бара меѓународен договор за забрана на офанзивно оружје во вселената
-

ЦУК: Активни два пожари на отворен простор, осум изгаснати во текот на денот
-

Курти: Пресудата за водачите на ОВК е неприфатлива неправда
-

Мицкоски во Вашингтон на средба со конгресмените Клаудиа Тени и Кит Селф, разговарано за значењето на стратешкото партнерство со САД
-

Македонските одбојкари со триумф над Израел
-

Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете
