Македонија
30. April 2026 - 16:31

Кривични пријави за 6 лица од стоматолошката комора - заработиле половина милион евра со злоупотреби на лиценци

Со злоупотреба на лиценците за стоматолози ги пречекориле службените ингеренции и незаконски заработиле 517 000 евра. Финансиската полиција до Обвинителството поднесе кривична пријава против поранешниот претседател на Стоматолошката Комора и уште петмина од Комисијата за стручни стоматолошки прашања.

Првопријавениот свесно и со однапред утврдена намера склучувал договори со непостоечки здруженија за спроведување облици на континуирано стручно усовршување на докторите по стоматологија за да стекнат бодови со кои ќе ги обновуваат лиценците.

Поранешниот претседател на Комората бил основак и овластен потписник на банкарските сметки на Друштво на доктори по дентална медицина –Куманово, преку кое, како што велат од финасиската полиција, го изигрувал системот и работел незаконски. Му помагале и останатите четворица кои заработија кривична пријава  со овозможување на што поголем број на настани за стручно усовршување на стоматолозите.

-Во координација со останатите пријавени, биле издавани решенија и склучувани договори со цел спроведување на поголем број на настани годишно од она што е пропишано во Правилникот, овозможувајќи  им имотна корист за ДДДММ, Македонското стоматолошко друштво и Стоматолошкото друштво на Албанците, на чии банкарски сметки се исплатувале средствата од котизациите на докторите по стоматологија за сите противправно акредитирани и реализирани настани, а за таа цел здруженијата во нивен состав намерно не биле регистрирани како посебни правни лица, стои во соопшението на Управата за финансиска полиција.

Минатата година во август, министерот за здравство и ги одзеде ингеренцииите на Стоматолошката комора за лиценцирање, бидејќи како што кажа тогаш Алиу, со невалидни едукации ги продолжувале лиценците на докторите. Имаше и контроли од министерството и сите тие извештаи беа доставени до обвинителството.

Поранешниот претседател на Комората е недостапен за да даде коментар за злоупотребите со дозволите за работа на стоматолозите. Актуелното раководство на Стоматолошката комора, пак, ќе има став по празничниот викенд.