Конфликтот во Иран не е „војна“, сообраќајот низ Ормуската Теснина речиси нормализиран, изјави Венс

Конфликтот во Иран не е „војна“, изјави американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, кој исто така оцени дека пловидбата низ Ормуската Теснина „речиси“ е нормализирана.
Весникот „Волстрит џурнал“ оценува дека во мигови кога претседателот Доналд Трамп размислува едноставно и јасно да објави крај на конфликтот, потпретседателот Венс се обидува да ги минимизира борбените дејства.
„Јас не би го нарекол ова војна. Во моментов нема престрелки“, изјави тој пред новинарите во Белата куќа, иако САД во последните денови двапати нападнаа цели во Иран.
Во еден од тие напади, за кој Иран вети дека ќе возврати, загинаа четири лица на свадбена веселба.
„Иранските државни медиуми досега не известуваа особено веродостојно за она што се случуваше во овој конфликт, така што сум исклучително скептичен во врска со тоа“, рече Венс одговарајќи на прашање за нападот и додаде дека САД сепак спроведуваат „темелна истрага“.
Четириесет и двегодишниот републиканец одби да се обврзе на кој било датум за завршување на борбените дејства, иако на почетокот на конфликтот пред шест месеци Доналд Трамп споменуваше дека максималното времетраење би било неколку недели.
Американската Влада во последните денови го истакнува значителното, според неа, обновување на сообраќајот низ стратешката Ормуска Теснина, а Џеј Ди Венс го повтори истото.
„Ако се вратите три месеци наназад, кога станува збор за нафтата и гасот што излегуваа низ Ормуската Теснина поради иранските закани, речиси немаше ништо. Сега речиси се вративме во состојбата пред конфликтот“, изјави американскиот потпретседател.
Претседателот Трамп тврди дека САД имаат голема контрола над Теснината.
„Пропуштаме по 30 до 40 бродови во текот на ноќта, уверуваше Доналд Трамп во интервју емитувано синоќа за британската конзервативна телевизија „Џу-Би њуз“.
Американското Министерство за енергетика во понеделникот спомена бројка од 17 милиони барели нафта што минале низ поморската рута, додека Доналд Трамп на „Трут соушл“ објави графикон кој покажува 18 милиони барели дневно – бројка која, според него, е блиску до предвоените 20 милиони.
Податоците на платформата за следење на поморскиот сообраќај „Кплер“ покажуваат дека сообраќајот за транспорт на суровини, вклучително горива и ѓубрива, се намалил на просечно десет бродови дневно по блокирањето на теснецот од Техеран на 1 март, во споредба со просечно 95 дневни преминувања во февруари.
Потпишувањето договор меѓу Вашингтон и Техеран во средината на јуни за мировни преговори овозможи привремено зголемување на сообраќајот на 36 бродови дневно, пред повторно да се намали на 15, во услови на обновување на судирите на 8 јули и 22 август.
Војната ја намали поддршката за претседателот Доналд Трамп и ги покачи цените на горивата, зголемувајќи ги влоговите за кандидатите на Републиканската партија кои се борат да ги задржат мнозинствата во двата дома на Конгресот на изборите што ќе се одржат во ноември
МИА
Ново на Сител
-

Муцунски во Киев: Стоиме со Украина, таа е суверена држава и нејзиниот територијален интегритет мора да се почитува
-

Сител ТВ вработува новинар во веб редакција
-

Тројца полицајци пренесени на Клинички по тешка сообраќајка во Скопје
-

Македонскиот фолклор одекна во Бразил: „Малешевка“ и „Калајџиско“ на светската сцена во Нова Прата, настапите продолжуваат
-

Прва берба, прво меѓународно оценување и две злата за винаријата „Монтеко“ на престижниот „Мундус вини“ во Германија
-

Јаневска: МОН не доделило стипендија на синот на Милошоски
-

73-годишна жена фрлала дрва кон деца, ги бркала со остар предмет, па им ја дупнала топката во Кичево
-

Фалсификувал свидетелство за основно за да полага за возачка – кривична за 27-годишен кавадарчанец
