Комисијата за финансирање и буџет го разгледува задолжувањето од 260 милиони евра, избрана најповолната понуда

Комисијата за финансирање и буџет во законодавниот дом, денеска, на продолжението на 64. седница, го разгледува Предлог-законот за задолжување на земјава со заем од меѓународни финансиски институции во износ до 260 милиони евра, наменет за буџетски потреби, капитални расходи и рефинансирање на обврски.
Како што информираше претседавачот на седницата, Бојан Стојановски, продолжението е свикано согласно Деловникот и дека Комисијата има кворум за работа и одлучување и покрај тоа што пратениците од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија не учествуваат на денешната расправа.
Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во образложението истакна дека станува збор за задолжување од меѓународни кредитори, предвидено согласно Буџетот за 2026 година. Појасни дека Министерството за финансии, по одлука на Владата од 10 февруари 2026 година, имало задача да обезбеди средства до 300 милиони евра, при што по спроведена постапка, Јанкуловски рече е избрана најповолна понуда.
- Како што правиме и вообичаено, се избра најевтината, најповолната понуда на пазарот во моментот, која, за разлика од определени земји во регионот, де факто покажува дека навистина условите по кои се зема овој кредит, за кој во моментот се одлучивме да биде во износ од 260 милиони евра, се навистина најповолни на пазарот - рече Јанкуловски.
Според него, заемот ќе се повлече во една транша, со рок на отплата од седум години, грејс-период од три години и варијабилна каматна стапка составена од шестмесечен еурибор зголемен за 2,1 процент.
- Овие финансиски средства ги користиме бидејќи буџетскиот дефицит е една од причините, понатаму за општи буџетски потреби, за финансирање на капиталните инвестиции и, секако, за наследените обврски од минатиот период, кои треба оваа Влада да ги сервисира оваа година, но секако и наредните години - рече Јанкуловски.
Во текот на расправата, пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска оцени дека задолжувањето е предвидено и транспарентно, обвинувајќи ја опозицијата за отсуство од дебатата. - Постапката е апсолутно законска, институционална, транспарентна, како што кажав, и апсолутно немаме што да криеме од граѓаните - истакна Стојановска.
Средствата, додаде, не се наменети за тековни трошоци, туку за развојни цели. - Не станува збор за задолжување за плати, туку, напротив, станува збор за задолжување за продуктивни трошоци, кои дополнително ќе ја зголемат економијата во Македонија - рече Стојановска.
МИА
Ново на Сител
-

Божиновска: Се работи забрзано на енергетско поврзување со регионот, клучен приоритет - енергетската стабилност
-

Рибарски: Голем број станови изградени пред 2000 година се запишани со помала квадратура во Катастарот
-

Италијанскиот фудбалски гигант Милан ќе одржи камп во Скопје
-

Сиљановска-Давкова: Не сакам да ја коментирам квалификацијата шпионска афера, треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка
-

Мицкоски: „Костал“ е инспирација да продолжиме да се надополнуваме, поддржуваме и заеднички да напредуваме
-

Над 1.800 вработени во јавното здравство поднеле судски тужби против своите установи
-

Мицкоски: ЕСМ вложи жалба за случајот „Мазут“, очекувам Вишото јавно обвинителство да ги разгледа фактите и да одлучи
-

Анкета: Бизнисите од Западен Балкан бараат итно укинување на трговските бариери
