Македонија
5. February 2024 - 16:48

Коалиција помеѓу Алијанса и албанската опозиција сериозна закана за ДУИ

Приклучувањето на Алијанса кон Меџити, Гаши и Касами, ќе ја однесе ДУИ во опозиција по 20 години на власт.

Ова го покажува анкетата на Институтот за јавна политика „Арбен Џафери“ која го мери расположението помеѓу албански гласачи. Според анкетата спроведена од 9 до 14 декември минатата година помеѓу 1015 испитаници, при самостоен настап ДУИ се први на листата со поддршка од 29%, за Европскиот сојуз за промена би гласале 16,6%, а за Алијанса 12,2.

Но на прашањето за која партија ќе гласате ако Алијанса се приклучи кон Европскиот сојуз за промена на изборите на 8 Мај, близу 35% ја избираат албанската опозиција, наспроти 26,8% за ДУИ.   

Определбата на Алијанса ќе биде клучна на претстојните избори, вели и првиот човек на Инстиутот за политички истражувања Скопје „Владимир Божиновски“, кој повеќе години го мери јавното мислење.

Сепак Божиновски вели дека последниот раздор во Алијанса несомнено ќе доведе до две фракции, па дали повеќето гласачи ќе се приклучат кон Таравари и опозицијата или кон крилото на Села, сликата ќе биде појасна во следните два месеци.