Клековски: При патувања во Африка и Индискиот Океан да се следат препораките од СЗО за потребата за вакцинација и профилакса

Во државава годинава регистрирани се четири случаи на маларија, три на денга и еден зика, информира денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој повторно упати повик при патување да се следат препораките за вакцинирање и профилакси од Светската здравствена организација. Од осумте случаи на западнонилска треска, за кои Министерството за здравство информираше вчера, шест лица се на Клиниката за инфективни болести, а другите два случаи биле регистрирани во јуни и пациентите се веќе дома.
Состојбата со вектор преносливи болести е разгледувана на седница на Комисијата за заразни болести. - Во моментот во опсервација се четири вектор преносливи болести, за маларија, денга, зика и западнонилска треска. Сите се пренесуваат со комарци, меѓутоа сите имаат различно потекло или епидемиолошки се различни патеките. Бидејќи влегуваме во висока сезона на одмори и во период на поголеми температури сакав да споделам дека после две години немање случаи на маларија, оваа година имаме четири случаи и сите се поврзани со Африка и Индискиот Океан, поточно со Малдиви и Занзибар. Имаме три случаи на денга поврзани со Малдиви и зика кој исто така е поврзан со Малдиви - рече Клековски на прес-конференција.
Како што укажа, зиката има негативни влијанија кај бремени жени, денгата е хеморагична грозница и треба претплзливост, а тешките облици на маларијата може да бидат и смртоносни.
- Упатувам повик до луѓето кои патуваат во Африка и Индискиот Океан, посебно во Занзибар и Малдиви, да ги следат препораките од Светска здравствена организација за потребата за вакцинација и профилакса. Во Центарот за јавно здравје Скопје и во соодветните центри ги има соодветните препораки и профилакси. Иако процентите се многу мали, луѓето треба да преземат мерки за претпазливост. Матичните лекари и инфектолозите, пак, задолжително да ги земат во предвид во анамнезата патувањата во Африка и во регионот на Индискиот Океан. Клучна е заштитата и раната интервенција, порача Клековски.
Од осумте случаи на западнонилската треска, посочи, два се од јуни, а другите се актуелни. Еден е поврзан со патување во Грција, а другите според возрасната група се над 60-70 години и претпоставуваме дека се локални случаи. Генерално станува збор за ниските терени на Скопско поле и Велес.
- Издадена е насока до Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги исконтролира стадиумите на дезинсекција во општините, а според контролите сите значајни општини се со завршена програма на дезинсекција, со исклучок на неколку помали општини кои во моментот не се поврзани и се далеку од случаите. Случаите се Велес и Скопје, Повардарие. Постапено е епидемиолошки, кај седум од случаите извршено е дополнително дезинсекција во радиус од 200 метри од нивното место на живеење, како стандардна епидемиолошка постапка, а еден одбил тоа да се изврши во неговиот круг - рече Клековски, прецизирајќи дека
Од минатата година во програмата на Институтот за трансфузиона медицина покрај хепатит и ХИВ е и вирусот на западнонилската треска како стандардно тестирање на крвта од април до октомври, за да се избегне евентуална трансмисија преку дарување крв.
- Од минатата година имаме гаранција дека нема да има трансмисија на овој вирус преку крв. Комуницираме дополнително со АХВ околу следење на комарците. Сите овие четири болести се пренесуваат со комарци, кои ги има во Македонија. Иако за претходните три се јасни импортирани случаи, до сите би препорачал посебна внимателност во личната заштита од комарци, посебно покрај застоени води, каде што има бари, мочуришта. Во комуникација сме со сите соодветни институции и ја следиме состојбата, рече Клековски.
Тој појасни дека за лицето кое одбило дезинсекција кое во моментот кога бил направен обид немало налог за влегување на приватен имот и оти тој ќе се искомуницира во Центарот за јавно здравје. Од случаите со западно-нилската треска сите се над 60 години и се со коморбидитети.
- Има други отежнувачки ситуации како повозрасни лица со тешки форми на грип. Осумдесет проценти од западно-нилската треска поминува асимптоматски, нема никакви симптоми. Затоа ние преминавме на тестирање на крвта, може човекот да нема никакви симптоми, а во даруваната крв да го има вирусот. Фактот дека 80 проценти се асимптоматски значи дека сликата е обично полесна. Од посериозните знаци се конфузија, зафаќање на мозочните обвивки или воспаление на мозок, а потешките форми развиваат енцефалит - појасни министерот за здравство потстеувајќи дека во изминатите 15 години во државава имало пет смртни случаи на западно-нилска треска.
МИА
Ново на Сител
-

Клековски: При патувања во Африка и Индискиот Океан да се следат препораките од СЗО за потребата за вакцинација и профилакса
-

Тела на пет бебиња пронајдени во картонски кутии во семејна куќа на југот на Франција
-

Мицкоски: Фокусиран сум на работа и проекти за доброто на граѓаните, политичите калкулации и ги оставам на опозицијата
-

Нови научни сознанија за поврзаноста на канабисот со кортизолот и стресот
-

Гоце Тодоровски ќе биде погребан денеска
-

Ѓорѓиевски: Учениците од прва година од средните училишта во Скопје првпат ќе добијат бесплатни униформи
-

Анкета: Само една третина од Американците ја поддржуваат војната со Иран
-

Уапсен 19-годишниот Македонец кој се бараше за обид за убиство на член на Шкаљарскиот клан
