„Како ќе контролира рудник, човек кој не може да реши 10 крави“ – Нови тензии меѓу Филипче и Митовски
Како ќе контролира рудник, градоначалник кој не може да се справи со 10 крави. Лидерот на СДСМ со остра порака кон градоначалникот од своите редови Сашко Митовски. Филипче вели дека вакво прашање поставувале граѓаните на Крива Паланка и токму затоа останува на ставот дека за отворање на рудник за антимон, градоначалникот мора да ги праша своите сограѓани.
Во телефонски разговор пак, Митовски кусо ни одговори дека повеќе нема да коментира ставови на партискиот лидер.
- Не влегувам, во политичка конфронтација со партијата во која припаѓам и повеќе нема да коментирам нивни ставови, вели Митовски
Тој е еден од шестемина градоначалници кои ги има СДСМ по последните избори и кој јавно порача дека не се согласува со политиките на сопствената партија, а во јавноста беа објавени информации дека се повлекол и од претседател на општинската организација на СДСМ во Крива Паланка, кои лично не ги потврди.
Тензиите помеѓу Филипче и Митовски стартуваа по најавата на премиерот Мицкоски за отворање на рудник за антимон како стратешки важен за развој на државата и дел од соработката со САД. СДСМ предупреди дека не може развојот да се мери само преку инвестиција, без јасна процена на ризиците по здравјето, водата, земјиштето и секојдневниот живот на граѓаните и токму затоа тие треба да го имаат последниот збор. Градоначалникот Митовски порача дека не е време за референдум, но дека за отворање на ваков рудник потребни се гаранции дека нема да има компромис со здравјето и природата.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
