Македонија
10. July 2023 - 16:34

ИРИ: Пендаровски со најпозитивен рејтинг, расте поддршката за ЕУ, но не и за уставните измени

Помалку од еден процент од граѓаните се задоволни од работата на градоначалничката Арсовска, покажува најновата анкета на ИРИ.

Секој втор Скопјанец смета дека не заслужува втор мандат. Јавниот транспорт, урбаниот развој, безбедноста, корупцијата, загадувањето и јавната хигиена се посочуваат како најголеми проблеми во главниот град.

Анкетата покажува дека најзадоволни од локалната власт се граѓаните од југо-истокот на државата, односно од 4тата изборна единица.

Генерално, близу 60% од граѓаните сметаат дека државата се движи во погрешна насока, економската ситуација, нискиот стандард и високите цени ги гледаат како најголеми проблеми за кои сметаат дека Владата не ги решава.

Промени во рејтинзите на партиите нема. Ако во недела се одржат избори, за ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат 19% од граѓаните, за СДСМ 11, за ДУИ 8%.

Граѓаните имаат негативно мислење за сите политичари, но поединечно шефот на државата Пендаровски е политичар со најголем рејтинг, зад него е екс премиерот Груевски, на трето место е Мицкоски, а дури на 7мо е премиерот Ковачевски.

Од министерите во Владата, испитаниците најзадоволни се од работата на министерот Спасовски, најнезадоволни од вицепремиерот Груби.

На прашањето на кој политичар гледате најповолно, прв избор на граѓаните е лидерот на ДУИ Ахмети, по што следуваат Груевски, Мицкоски и Ковачевски.

 Според анкетата на ИРИ расте поддршката за влез на Македонија во ЕУ, близу 80% од граѓаните сметаат дека земјава треба да стане дел од европското семејство, но најголем број од нив сметаат дека тоа ќе се случи за повеќе од 10 години. Паралелно со растот на поддршката за ЕУ, се зголемува и бројот на граѓани кои се против уставните измени. Дури 64% се протв внесувањето на Бугарите во Уставот, што е за 9% проценти повеќе од анкетата во октомври минатата година.    

Судиите и обвинителите се на дното на листата институции со доверба, со рејтинг од само 1%. Близу 40% од граѓаните сметата дека законите не важат поеднакво за сите.

Телевизиите остануваат главен извор на информации, а Сител со 45% и натаму е прв избор на граѓаните.

Анкетата на Меѓународниот републикански институт е спроведена во периодот од 8 април до 4 мај, преку унтервјуа лице в лице, на реперзентативен примерок од 1204 испитаници.